„Овој предлог ги содржи сите барања на Бугарија и во однос на историјата и на јазикот“. Ова беше една од реакциите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по објавувањето на новиот француски предлог.
-Ова значи целосно право на Бугарија да менува учебници и нашите деца да учат според бугарскиот диктат или нема европска иднина. Секој кој како Владата и Ковачевски ќе ви кажува нешто поинаку, ве лаже. Затоа имаме какафонија од предлози, два документи, два предлози. Еве ви кажувам дека лажат и манипулираат. Јас и ВМРО-ДПМНЕ нема да бидеме соучесници во таков процес“ – рече Мицкоски предмалку на прес-конференција во партиското седиште.
„Одобрувањето на ваква рамка значи во ЕУ бугаризирани или засекогаш да останеме надвор. Затоа велам дека треба да сме гласни“ – соопшти Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека имало иницијатива за протести и затоа повика на сенароден протест.
„Заборавете дека ви се обраќам од говорницата на ВМРО-ДПМНЕ. Утре во 19:00 часот пред платото на Владата. Го повикувам целиот народ од цела Македонија и надвор, да го спасиме процесот на преговори. Овој преседан ќе им се прави на сите земји во регионот, како што ни се прави нас. Ние треба да преговараме за нешто пред десетина векови, а се бориме за иднината на нашите деца. Ако ни значи Македонија, утре да излеземе пред Владата и да кажеме големо не“ – истакна Мицкоски.