
Мицкоски за Алта Банка: Не знам дали е се во ред, но за да дојде во Македонија банка, има таков клиринг-процес во рамките на Народната банка што не може фенинг капитал да влезе
Два дена пред Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на Алта банка АД Белград, премиерот Христијан Мицкоски во „Само интервју“ на Канал 5 беше прашан за банката и за обвинувањата на опозицијата. Во одговорот тој се повика на контролите на македонската Народна банка, нагласувајќи дека капиталот што влегува во земјава мора да помине низ регулаторот.
Два дена пред Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на Алта банка АД Белград, премиерот Христијан Мицкоски во „Само интервју“ на Канал 5 беше прашан за банката и за обвинувањата на опозицијата. Во одговорот тој се повика на контролите на македонската Народна банка, нагласувајќи дека капиталот што влегува во земјава мора да помине низ регулаторот.
Во интервјуто емитувано во четвртокот, на 29 октомври, новинарот Гоце Михајловски го праша Мицкоски за дилемите околу Алта банка, посочувајќи на проблеми со нејзиниот влез на други европски пазари, објави 4news.mk
„Не знам дали е сè во ред, но за да дојде во Македонија банка, има таков клиринг-процес во рамките на Народната банка“, рече Мицкоски, додавајќи дека капитал не може да влезе без да помине низ регулаторот.
Разговорот за Алта банка следуваше по прашањето за обвинувањата на СДСМ дека власта дозволила ширење на „српскиот свет“ во банкарството, осигурувањето и медиумите преку врските со Александар Вучиќ. Мицкоски ги отфрли овие обвинувања како невистинити и ги оцени како дел од опозициската кампања.
„Сега ние треба да се мачкаме со кал и сега, нормално, вие кога ќе се мачкате со кал, кога ќе се играте со кал, не можете да останете неизвалкани од таа кал. Тоа е нивната цел“, рече премиерот.
На дополнителното прашање за тврдењата на СДСМ за пари поврзани со Вучиќ што наводно доаѓале преку банката, Мицкоски не даде конкретни податоци за трансакции, туку одговори дека не сака дебатата да се сведе на навреди и лични напади.
„Сепак јас сум доволно сериозен човек за да не дозволам да паднам во таа замка и сега ние да го спуштиме ова на ниво на естрада, да се занимаваме со ад хоминем напади, со навреди, со ниски страсти“, изјави Мицкоски. Тој додаде дека Владата ќе се фокусира на реализација на проекти.
Денеска Народната банка на Србија соопшти дека ѝ ја одзела дозволата за работа на Алта банка АД Белград поради значително влошување на финансиската состојба и загрозување на интересите на депонентите. Според српската централна банка, на одлуката ѝ претходеле контролни активности насочени кон зголемување на ликвидноста на банката.
Изјавите на Мицкоски во „Само интервју“ се дадени пред оваа одлука и не претставуваат негов коментар за одземањето на дозволата за работа на банката во Србија.