
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието го подигна за уште еден степен погоре во неговото противење да се направат уставните измени и внесувањето на Бугарите во конституцијата за да продолжат преговорите со ЕУ, истовремено повторувајќи ја стандардната теза: „Додека сум јас премиер…“
Одговарајќи на прашање на пратеникот од „Европскиот фронт“, Скендер Реџепи за патот кон ЕУ Мицкоски рече дека е подготвен „да оди до крај, па макар ми било тоа последно“ во одбивањето да се извршат уставните измени сѐ додека не се остварат познатите две барања на неговата влада: на Македонците во Бугарија да им се овозможи остварување на нивните права без менување на бугарскиот устав и преку регистрацијата на ОМО „Илинден“ – Пирин, и Европскиот совет да донесе заклучок со кој ќе биде потврдено дека нема да има натамошно вета или условувања во врска со јазикот и идентитетот.
Освен што ги повторуваше своите познати тези околу уставните измени Мицкоски во одговорот ги повика Албанците во оваа битка што ја води владата, а ја обвини претходната влада дека била „меко ткиво“ преку која се протуркала вакви барања за уставни измени.
Пратеникот Реџепи му одговори дека и тој, а и другите знаат дека уставни измени сепак ќе се случат, само прашање е колку време ќе изгуби Македонија. Тој рече дека ситуацијата во државата е мрачна бидејќи не се гледа никаква перспектива, дека нема светло во тунелот и дека владее целосна апатија.
Зајакнувањето на тврдите ставови на премиерот Мицкоски доаѓа еден ден по објавувањето на најновото истражување на Институтот за демократија Социетас цивилис токму во Собранието дека, по долги години пад, расте поддршката на граѓаните за влез во Европската унија. Со оглед на тоа дека расте и евроскептицизмот, ваквиот раст на поддршката се должи на пресвртот кај неопределените и апатичните.
Во истражувањето направено во ноември лани дури 71 отсто од граѓаните дале поддршка за ЕУ, што е скок од речиси десет отсто, и во најголем дел таа разлика се должи на сменетото расположение во македонската заедница. ЕУ континуирано се гледа како најдоверлив партнер на Македонија, сега и поради неизвесната политика на САД.
Извор: Независен.мк