Мицкоски: Единство околу националните интереси, но и одговорност за секој од власта што се огрешил пред законот

„Секогаш кога застануваш зад идеја во која веруваш, испраќаш порака на мал бран на значајна надеж. Таа надеж прерасна во голем бран на многу оправдани очекувања и животи кои ја чекаат шансата за која сонувале.  А нашиот живот не смее да го поминеме во бесконечно чекање за некои подобри времиња, туку во акција за промена на нашата околина за да се случат тие времиња. Тие чекори започнаа, а наша заедничка задача е тие да станат моторот на промени што носат иднина. Машина која се движи напред, која го побива звучниот ѕид, руши бариери, автомобил кој руши рекорди, носи сила, резултати и заеднички победи. Овие 100 дена се сублимат на многу мали, но еднакво вредни победи за сите нас. Но и големи проекти за кои треба волја, но и знаење. Кога политичките конкуренти напаѓаа, ние работевме, кога тие критикуваа ние решававме проблеми. Кога тие ја плашеа јавноста, ние создававме“. Вака го почна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денешниот говор по повод 100 дена локална власт, отчет на партијата.

Тој нагласи дека нашата историја е нашата лична карта, нашето постоење на пркос.

„Нашата историја е нашата лична карта, нашето постоење на пркост, пот и крв дадена за она што денес многу лесно се тргува, а многу тешко е спечалено. Не прифаќам фрази каде во привидното решавање на проблемите премиерот ќе каже историјата да ја оставиме на историчарите, а политиката на политичарите. Ние не сме до тука дојдени во овој очај на откажувања и порекнување затоа што историчарите се мешаа во политиката, туку затоа што политичарите не се занимаваа со политика. И многу ми е криво што политичкиот естаблишмент на власта не најде за сходно да се утврдиме во нашата единствена неподелена тврдина Гоце Делчев, зошто неговата суштина на животен пат и борба беше обединувањето за слобода и самобитност, а не поделбите“ – рече Мицкоски.

Додаде дека Владата и Ковачевски прават голема грешка и дека испуштаат историска шанса да застанат на вистинската страна.

„Од таа гледна точка Владата и Ковачевски прават грешка и испуштаат историска шанса да бидат на вистинската страна. И затоа што на крајот, со откажувањето на прифаќање на декларацијата за Гоце кажуваат дека се спремни да се откажат и од други важни прашања за нашиот идентитет. Затоа го повикувам народот на будност и дејствување во моментот кога овие ќе одлучат да го распродадат тоа кое што нас ни е најмило. Со тоа што источниот сосед ја негира македонската вистина за Делчев, ни удираат во темелите. Со тоа што ја негираат нашата историја и јазик сериозно ги нишаат столбовите од нашиот дом. Со тоа што ни ја блокираат нашата европска иднина, не ни дозволуваат да имаме кров и облик на нашиот дом каков што сакаме да го имаме и каков што треба да го наследат генерациите после нас. Впрочем ударите се кон нашиот дом кој е се за едно семејство. Јас сум свесен дека во ситуација кога нашиот дом е во прашање, единството е поважно од секоја една наша внатрешна разлика која ја имаме во овој заеднички дом. Свесен сум, но и загрижен за тоа дали и премиерот на Македонија е свесен за истото“ рече тој.

Мицкоски понуди единство за прашањата кои се важни за татковината.

„И домот ќе биде цврст колку се силни темелите и столбовите на куќата, и не е реткост било кој дом да биде на тест на разно разни потреси и удари, но се додека се држиме едни со други, се додека ја крепиме куќата, домот ќе остане неподелен и цел. А што е домот, ако не луѓето во него. ВМРО-ДПМНЕ е со народот заедно во тој дом, но го гледам Ковачевски и тие околу него дека се надвор, дека не го споделуваме истиот товар. Затоа нудам единство, а ВМРО својата потпора за нашиот дом и само за прашањата кои се важни за нашата татковина и за нашиот дом и сите луѓе во него. Македонија е нашиот дом, а ние како народ мора да бидеме единствени и од тоа нема да има поголем аргумент овие луѓе во преговорите да останат внатре во нашиот дом, да не излегуваат и да не потклекнуваат пред било кого“ – порача Мицкоски.

Ние сме надвор од преговорите, но мојата поддршка за заштита на националните интереси на Македонија, нашата посебност, идентитет и иднина е бланко кога се во прашање овие фундаменти на постоењето на нашата Македонија. Спремен сум да ја премостам секоја разлика само Владата да ги заштити националните интереси и таа врата за ова прашање е секогаш широко отворена. Треба да знае во состојба на силни удари, предизвици ВМРО останува да биде тој стожер на нашиот дом, порача тој.

-Јас сум подготвен да разговарам кога интересот е Македонија и народот, немајте дилема – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.