Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека иницијативата на ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети изборот на шефот на државата да се прави во Собранието треба да се игнорира зашто, како што вели, ДУИ со тоа прави дефокус во момент кога е фатена во огромен криминал и во недостаток на други идеи и проекти.
Дополнително рече дека ваквата идеја доаѓа од политичари кои повеќе не се фактор и кои за брзо време, како што вели Мицкоски, ќе бидат пратени во политичка пензија.
„Мислам дека треба да се игнорира бидејќи сите ние знаеме дека прво не се фактор за да можат да наметнат таква тема и мислам дека не треба повторно да се фаќаме како јавност на јадицата која што доаѓа од политичка опција која што набргу од денеска ќе биде во минатото и ќе одговара за сето тоа што го правеле. Дури и самата дрскост да се каже такво нешто и тоа да се поврзе со уцена за излезеноста на изборите претставува недржавен чин за партија којашто претендира да се претстави како државотворна и којашто 22 години е дел од владата и го јаде лебот поради овие граѓани и оваа држава“ – изјави Мицкоски.
Изјавата на Арбен Таравари, пак, која исто така се однесува на избор на претседател на државата во рамки на парламентот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја оцени за помека зашто, како што рече, формирањето на потенцијалната влада не го условил со таа иницијатива
„Го слушнав Таравари. Тој кажа дека тоа не е услов за формирање Влада. Како што успеав да разберам, помека изјава е. Но, ако сега ова го креваме во јавност, ќе нема простор за пораките за подобар живот, како економија, реформи коишто ВМРО-ДМПНЕ сака да ри рефлектира во оваа кампања. Повеќе ќе ги интересира граѓаните тоа отколку да задоволуваме фрустрации на поединци со тоа што ќе им посветуваме внимание во јавноста“ – додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.