Мицкоски до опозицијата: Исплашени сте од успесите на владата

Премиерот ѝ понуди на опозицијата три можности да се откажат од блокадата со амандманите

Премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук објави дека опозицијата била толку исплашена од успесите што ги постигнува неговата влада, па затоа најавува дека ќе го блокира Изборниот законик.

„Исплашени се дека, по декемврискиот извештај, сега и во јунскиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите од Западниот Балкан повторно ќе бидеме најдобри… Но, имам лоша вест за нив: Македонија ќе ве победи вас и вашите блокади“, порача премиерот, додавајќи дека земјата повторно ќе обезбеди најмногу буџетски средства и отворени фондови за финансирање проекти.

Премиерот тврди дека владејачкото мнозинство ги прифатило сите предлози на опозицијата. Единственото барање од страна на Владата било да се овозможи електронско гласање за дијаспората уште на следните претседателски избори. Предложените измени на Изборниот законик само ДУИ од опозицијата ги поддржа, па дури и пратеникот Блерим Беџети е потпишан на документот.

Мицкоски посочува дека опозициските партии првично го прифатиле ова решение, но дека сега се повлекуваат користејќи „бледи алиби-аргументи“. Тој повлече паралела со глобалните технолошки трендови, нагласувајќи дека е апсурдно да се кочи овој процес во време кога вештачката интелигенција има клучна улога во светот.

Тој упати предлог до опозицијата како да не биде блокиран изборниот законик:

Да предложат амандмани за корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори (кои Владата експресно ќе ги прифати).

Да ги повлечат останатите амандмани со кои се врши блокада.

Заеднички да се изгласа новиот Изборниот законик.

На крајот од своето обраќање, Мицкоски ги повика политичките противници да покажат вистинска, а не декларативна заложба за евроинтеграциите, но преку реформи, а не преку уставни измени.