Мицкоски го вика Ковачевски на дебата за енергетската криза
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата вчера имала панична реакција како резултат на предлогот на опозициската партија за тоа како да се ублажат последиците од енергетската криза, која како што рече постепено се трансформира во економска криза.
Според него, со планот на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија и топлина за граѓаните и индустријата без да има затворање на фирмите и отпуштање на работници. Владата, како што рече Мицкоски не покажала конструктивност за предлогот, туку премиерот Димитар Ковачевски организирал вонредна прес-конференција за ништо да не каже.
„Дополнителни количини на електрична енергија од домашно производство добиени со користење на евтин ресурс за стопанството и економијата да може бизнисот да се развива, а работниците да ги задржат своите работни места. Дополнителни количини на топлина за да може скопјани и сите корисници ан централното греење во главниот град Скопје да не плаќаат повисоки сметки за затоплување на нивните институции и домови. Заштеда од минимум 300 милиони евра, пари кои што оваа Влада ќе ги потроши во периодот кој што следи, кои што ги нема, а ќе ги земе преку скапи кредити“ – рече Мицкоски.
„На дебата се зборува за концепти, ние немаме што да криеме македонските граѓани заслужуваат да слушнат и да изберат“, рече Мицкоски на прашањето зошто не го повика Ковачевски на лидерска средба за да разговараат за енегетската криза.
Лидерот на најголемата опозициска партија на денешниот брифинг со новинари рече дека „Никој не води сметка за индустријата во Македонија која набавува скапа струја на слободниот пазар. „Фени“ ги исклучи печките, „Бучим“ не работи од 1 септември, а „Макстил“ работи само со 20 отсто од капацитетот.Тоа се должи на високата цена на струјата која овие фирми ја набавуваат на слободниот пазар. Оваа земја ќе остане без огромен дел од парите од извоз. Само „Фени“ и „Бучим“ годишно извезуваат производи во вредност од околу 500 милиони евра. И не само тоа, се доведуваат во прашање и илјадници работни места, а со тоа егзистенција на илјадници семејства. Владата планира да работи третиот блок на РЕК, да го вклучи ТЕЦ Осломеј и две турбини во ТЕЦ Неготино, плус хидропотенцијалот за да ги задоволи потребите“.
Тој рече дека се нуди, преку нивни партнери во земјите од ЕУ, да се набави мазут по пониска цена за оние компании на кои им е потребна струја.
„Преку нашите партнери се обидуваме да обезбедиме мазут за околу 200 евра поефтино од оригинална цена по тон. За потребите за струја за домаќинствата, која оди преку компанијата ЕВН Хоум, преку наши партнери од Швајцарија, Германија и Чешка кои соработуваат со Гаспром, ќе се обезбеди енергија, односно гас за Те-То да произведе струја, наместо ТЕЦ Неготино. Производството на електрична енергија, пак, на неготинската термоелектрана да биде за индустријата во земјава. При производство на електрична енергија во централата на гас Те-То, нус производ е топлинската енергија, која може да се употреби за парно греење на скопјани“ – рече Мицкоски.