Досегашиот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија актуелниот градоначалик на Општина Аеродром Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Кочоска Димитриеска. Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва соопшти имиња на 15 кандидати за членови на Владата од коалицијата „Твоја Македонија“ откако претходно за нив добил едногласна поддршка од Извршниот и Централниот комитет на партијата. Генералниот секретар на владата ќе биде предлог од ВМРО-ДПМНЕ, а како што рече, привршуваат преговорите со коалициските партнери за другите ешалони.
Во ресоротот одбрана Мицкоски за министер го предлага Владо Мисјаловски, пратеник и поранешен министер за транспорт, за вицепремиер и министер за транспорт партискиот потпретседател Александар Николовски, за информатичко општество и дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик министер во овој ресор Стефан Андоновски, а Златко Пирински министер за локална самоуправа.
Во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, актуелен член на ИК и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство, професорката Весна Јаевска во образование и наука, во култура и туризам актерот Зоран Љутков, за спорт ракометарот Борко Ристовски.
Предлог за вицепремиер за политички систем е Љупчо Димовски, лидерот на коалицискиот партнер на Социјалистичка партија, Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите за односи со заедниците, Шабан Салаиу за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.
-Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно не чека многу работа. Мора да ги засукаме ракавите од првиот ден бидејќи состојбите се очајни, рече Мицкоски, истакнувајќи дека при изборот на кадровскиот потенцијал се водел од принципите за чесност и посветеност кои целосно ќе се вложат во реализација на зацртаните цели.
Идната влада ќе ја сочинуваат Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ за наша Македонија. Предлог составот и програмата на владата Мицксоки ќе ги достави до Собранието задутре, по што треба да биде закажана собраниска седница за избор на новиот владин кабинет.