Мицкоски: Гаши да им се извини на македонските граѓани ако кажал дека Косово е негова татковина

Мицкоски по добивањето на мандатот за состав на новата Влада беше запрашан од новинарите како ја коментира изјавата на новиот собраниски спикер Африм Гаши дека неговата татковина е Косово. Мицкоски истакна дека не ја слушнал изјавата, но треба да се извини веднаш ако кажал дека негова татковина е Косово.

„Јас мислам дека неговата татковина е Македонија. И од тоа што сум го разговарал со него, сум слушнал лично дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Ако има таква изјава, тогаш мислам дека треба да им се извини на граѓаните од Македонија и тоа треба час поскоро да го направи, со оглед дека добива плата од тука и од страна на Македонците, Турците, Албанците, Власите е избран за претседател на Собранието“, рече Мицкоски.

Африм Гаши, во интервју за косовската телевизија „РТК“ зборувајќи за историјата на неговото семејство кое во 50-тите години на минатиот век се преселило од Качаник во Скопје, порачал дека Косово е негова татковина и дека будно ги следи процесите таму.

„Во 50-тите години на минатиот век дедо ми работеше во Скопје, а поради техничките причини на тогашниот отежнат превоз купил мал дом во центарот на Скопје и семејството го донел овде, но по земјотресот се вратиле во родниот град. За кратко време, потоа се вратија во Скопје и оттогаш дедо ми, вујковците и тетките живеат во Скопје. Јас сум роден во Скопје, а моите двајца братучеди продолжија да живеат во Качаник“, рекол Гаши.

„Луѓето родени по деведесеттите не можат го разберат ова, но за мене Косово е мојата татковина, местото каде се родени моите родители и сочувствувам со се што се случува во Косово“ вели Гаши во интервјуто.