Мицкоски: Во преговорите со Бугарија не се влегува само за да се учествува, туку треба да се избориме за успех

Во своето гостување во „Само интервју“ на „Канал 5“, премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи за преговорите со Бугарија, рече дека во нив не се влегува само за да се учествува, туку треба да се избориме за успех, при што Гоце Делчев го нарече „титан на македонштината“.

„Не сум во оваа приказна само за да учествуваме, туку да завршиме со успех. Тоа е суштината на целиот овој процес. Не е суштината да го смениме Уставот до следната пречка за 6 месеци. Не е тоа со мандат „од – до“, туку процес кој трае, не е процес кој сега ќе почне и следната недела ќе заврши, рече Мицкоски.

Тој истакна дека „ако се сака, се има и начин за да нема билатерализација на целиот процес и да нема повеќе никакви пречки“.

„Нека биде Европска Унија арбитер, претседавачот со ЕУ не кани во Будимпешта да ги решиме однапред сите прашања, да не биде етапно, туку сите и да нема повеќе пречки понатаму и да нема билатеризација на овој процес. Веднаш да почнеме“, рече Мицкоски.

Говорејќи за Гоце Делчев, тој рече дека Делчев е „титанот на македонштината и треба да се вкрстат аргументите за да се види какво е неговото значење за македонскиот народ“.

„Гоце Делчев за мене е македонски деец и историска фигура, титан на македонштината, за нив можеби е друго. Нека кажат колку песни, имиња, приказни има Гоце, а да видиме колку има кај нас. Да видиме кој навистина бил Гоце Делчев. Мудроста на народот е неприкосновена“, рече Мицкоски.