Мицкоски: Во новата Влада исти лица чии политики беа поразени – Николовски, Маричиќ, Спасовски

Христијан Мицкоски – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за „Дојче Веле“ вели дека во предлог составот на Владата се наоѓаат истите ликови чии политики беа поразени на последните локални избори, но и ликови кои што воопшто не се впечатливи.

„Сега во оваа влада се наоѓаат истите ликови чии политики беа поразени. Го имате Љупчо Николовски кој беше задолжен за антикорупција во времето кога оваа влада на сите скали е на првото место по корупција. Повторно министер е Маричиќ, кој е познат по неправдите и хаосот во правосудството и монтираните случаи кои завршуваат со неспроведување на правдата. Во владата продолжува да биде министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е главниот бранител на мафијата и во чие време се случија најголемите скандали поврзани со разни шверцови, пасоши, нерасветлени убиства и слично. Министер е и Битиќи, кој ќе остане запаметен по фијаското во економијата, инфлацијата, високите цени во маркетите, а ниските плати“ – вели Мицкоски.

Мицксоки вели дека „министер е и професорот Тупанчески, кој би било добро да го чуеме што мисли како добар правник за главното барање на Алтернатива кое е дел од договорот со СДСМ – за реотворање на случаите „Монструм“ и другите правно утврдени случаи“.

Претседателот на најголемата опозициска партија смета дека оваа влада ќе биде само континуитет на претходната влада на Заев, без нова свежина и енергија, без план и стратегија, укажувајќи дека единствен излез од сегашната криза се нови предвремени парламентарни избори.