Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени

Христијан Мицкоски – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на денешниот марш против францускиот предлог кажа дека продолжуваат протестите, зашто Владата прави национално предавство. Тој рече дека уставни измени не може да се направат без ВМРО-ДПМНЕ, а партијата нема да ги поддржи за Бугарите да влезат во Уставот.

„Потребни се 80 пратеници, тие да се сигурни дека тие 80 пратеници ги немаат, тоа треба да го знаат и во Македонија и надвор од Македонија“ – рече Мицкоски.

Во однос на тоа дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ помогнаа да се изгласаат уставните измени претходно, рече дека тоа нема да се случи.

„Такви предавници во овој состав нема, ве уверувам и за тоа ќе гарантирам. Владата е група кукавици и не носи сама одлука и префрла на парламентот. Нашата стратегија е да му објасниме на народот дека ова не е неговата иднина туку неговото предавство“, рече тој.

Мицкоски се осврна и на вчерашните инциденти.

„Сите што се обидуваат нема да наседнуваме на нивните провокации, знаеме кои се сценаристи, тоа се оние кои не сакаат ова да успее. Овој мирољубив народ знае дека силата е во масовноста. Ние веруваме во мирен и демократски начин на изразување незадоволство. Едно големо НЕ и на тие насилници кои скаат да ко искомпромитираат овој чист протест“ – порача Мицкоски.