Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав

Најодговорно Ви тврдам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измените на Уставот, а нема да гласаат мислам ниту пратениците од СДСМ откако ќе го видат Протоколот кој ќе го потпише Бујар Османи, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вечерва на почетокот на протестниот марш под мотото „Ултиматум, не благодарам“.

– Продолжуваме онаму каде што застанавме. Рековме дека сето она што ќе се случува деновите кои што се пред нас во Парламентот преставува обична фарса, суштината е во оваа зграда овдека. А, суштината е дека тие што се во оваа зграда овде веќе се сложиле на тоа кое што го нарекуваат модифициран последен предлог, а во суштина е ништо повеќе отколку директен удар врз македонскиот идентитет. Тоа се луѓето кои што ќе останат запаметени во македонската историја како луѓе кои го распродаваа идентитетот македонски за да ги зачуваат своите фотелји уште неколку месеци, рече меѓу другото Мицкоски.

Според него, она што ќе се случува овие два дена во рамки на Парламентот, како што рече, е обична фарса бидејќи само 41 глас се доволни за да т.н. заклучоци или тој лист хартија да бидат усвоени.

– Јас навистина не знам што друго да кажам освен тоа дека треба да кажат „НЕ“ во последен момент. Ќе повторам уште еднаш, ова што се нуди не е почеток на преговори за Македонија. Ова што се нуди е сликање во Брисел, за да ги отпочнеме преговорите потребно е да биде променет Уставот, а ние како ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно кажавме дека Уставот нема да се промени и покрај шпекулациите на одредени слуги и платеници на власта дека постоеле вакви, постоеле такви структури во парламентот, нагласи лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.