Мицкоски: Владината коалиција е стабилна, но добредојдена е секоја поддршка од секој пратеник за владините политики

За тоа дали власта може да достави предлог до Собранието за уставни измени со одложено дејство, без да биде формирана Влада во Бугарија, премиерот рече дека е „наивно да се направи“.

Премиерот Христијан Мицкоски за информациите дека Моника Зајкова и ЛДП ќе се приклучат кон владејачкото мнозинство, денеска во скопски Ѓорче Петров рече:

„Владината коалиција е стабилна и цврста, речиси официјално 2/3 мнозинство во Парламентот. Секој што ги поддржува и споделува политиката на Владата може да се приклучи. Дали официјално би биле дел од владејачката коалиција, се уште не сум разговарал во рамките на партијата и коалицијата. Тоа е процес што треба да добие поддршка од сите политички чинители – не е битно само Мицкоски што ќе каже. Добредојдена е секоја поддршка за владините политики од секој пратеник во рамките на гласањето во Парламентот“.

За тоа дали власта може да достави предлог до Собранието за уставни измени со одложено дејство, без да биде формирана Влада во Бугарија, премиерот рече дека е „наивно да се направи“.

„Таков унилатерален потег би значело целосно загрозување на веќе загрозените евроинтеграции, поради авантурите на претходната Влада. Треба да се добие било каков сигнал за да можеме да одиме чекор понапред. Тоа можевме и порано да го направиме ако бевме почетници во оваа работа. Не сме ниту Бујар Османи, Маричиќ или Ковачевски да бидеме лековерни и наивни и да веруваме на интересите на трети страни. Наш интерес се граѓаните и државата“ порача Мицкоски.