Мицкоски: Безобразлукот на Владата се гледа и по луксузните јавни набавки додека граѓаните едвај крај со крај излегуваат

„Тоа е уште еден доказ за безобразлукот на Владата на ДУИ подржана од малцинскиот партнер СДСМ. Посебно во месец на Рамазански пости, во месец на Велигденски пости, да излегува еден ваков тендер, една ваква јавна набавка, кога навистина луѓето треба се воздржат ако ништо друго. Бидејќи секако просечно, скромно македонско семејство без разлика дали станува збор за Македонци, Албанци, или останати, едвај кубури крај со крај да поврзи во месецот, а тие еве гледате како се луксузираат. А, потоа ќе не убедуваат со јајцата, со пиперките, со доматите итн.“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето на новинарите за луксузирањето на власта преку набавка на луксузна храна и пијалоци.

Мицкоски додаде дека тоа е тоа лицемерие на власта кое што ги разочарува граѓаните, а потоа истите граѓани ја губат надежта и велат дека сите политичари се исти.

„Ве молам, не сме сите исти, многу сме различни. Многу сме различни, еве покажуваме на дело дека сме многу различни. Затоа јас вас како јавност, медиумите ве охрабрувам да истражите што е можно повеќе вакви би рекол девијантни однесувања посебно во вакви моменти, во месеци кога треба да се воздржуваме од изобилие, кога треба да се испостиме без разлика дали го празнуваме големиот христијански празник Велигден или пак сме дел од месецот на Рамазанските пости. Ја користам и оваа прилика еве на сите верници кои што го прославуваат големиот христијански празник Велигден според Грегоријанскиот календар да им го честитам и да им посакам многу здравје, среќа, успех ним и на нивните семејства“, порача Мицкоски.

Тој порача дека оваа борба лично негова и на ВМРО-ДПМНЕ не треба да се гледа како борба за власт туку како борба за што побрзо заминување на луѓето од власта кои делат милионски тендери за надзор во четири очи на фирми кои произведуваат долен веш и доделуваат земјиште на лица од семејствата за банални суми.

„Ве молам немојте оваа борба моја лична и на ВМРО-ДПМНЕ да ја сфаќате дека е борба за власт. Власт како власт не ни треба и ако сме исти веднаш да не сменат нас. Нас ни треба само овие луѓе да заминат од Илинденска број 2, затоа што колку побргу заминат, толку побргу Македонија ќе почне да победува. Компании кои што произведуваат долен веш добиваат тендери во 4 очи од 20-30 милиони евра, надзор се на капитални инвестиции од неколку милијарди евра, се доделуваат земјишта на блиски луѓе од семејства за банални суми и потоа ќе ме напаѓаат мене дека сум организирал напади на семејствата или не знам што не знам како, а тие самите ги вовлекуваат своите семејства во политичката арена, а потоа се чудат зошто јавноста ги напаѓа“, потенцираше Мицкоски.