
Мицкоски: Барам смена на Љупчо Коцевски, не си ја врши својата работа добро
-Кога разговараме и кога ви велам дека не сум задоволен лично јас, но и јавноста од работата на јавниот обвинител, тогаш логичен след на настани после така јавно искажан збор е негова смена, многу јасно, нагласи Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма се осврна на работата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, потенцирајќи дека ниту тој лично ниту јавноста не е задоволна од неговата работа и логичен слет на настани би било негова смена.
-Кога разговараме и кога ви велам дека не сум задоволен лично јас, но и јавноста од работата на јавниот обвинител, тогаш логичен след на настани после така јавно искажан збор е негова смена, многу јасно, нагласи Мицкоски.
Тој исто така додаде дека граѓаните акламативно мислат дека Коцевски не си ја врши својата работа доволно добро, а буџетот кој го добиваат е поголем од 75 проценти од земјите на ЕУ.
-Најголемиот дел од граѓаните, огромен дел, би рекол акламативно мислат дека не си ја врши својата работа доволно добро и ако е политичката цена да ја платам и да бидам повторно дел од извештај во којшто ќе бидам критикуван, а притоа буџетот којшто го добиваат е очигледно поголем од 75 отсто од земјите членки на ЕУ, нивни колеги, тогаш мислам дека некој треба да си го стави прстот на чело и да размисли што прави, додаде Мицкоски.
Судскиот процес за трагедијата во Кочани мора да се одвива без политичко влијание, иако некои се обидуваат на него да градат политичка кариера
Мицкоски изјави дека лично смета оти судскиот процес за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани мора да се одвива без политичко влијание, но предупредува дека има одредени политички партии кои, како што вели, се обидуваат да ја злоупотребат маката на оние што ги загубија своите најмили.
– Лично мислам дека мора така да биде, не може да биде поинаку. Е сега има тука одредени политички партии што на овој случај, за жал, на маката на луѓето кои ги изгубија своите најмили се обидуваат да градат политичка кариера и затоа не можеме да кажеме дека нема политичко влијание бидејќи се обидуваат тие политичари и тие политички партии да ја злоупотребат оваа мака, рече Мицкоски во „Топ тема“ на Телма телевизија.
Премиерот додаде дека тие континуирано испраќаат политички пораки, додека, како што рече, за разлика од нив тој цело време молчи и остава обвинителството и судовите да ја завршат својата работа.
– Да имаме фер судење, да имаме судење коешто јасно ќе детектира кои се виновниците, кои не се виновни и.тн, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека ја поддржува одлуката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за анкетна и надзорна комисија за сите досегашни трагедии кои ни се случија изминативе години. Апсолутно сите виновници, нагласи Мицкоски, треба да се изнесат пред лицето на правдата. Граѓаните, додаде премиерот, треба да видат кој е тој кој злоупотребил и направил грешка и кој е виновен.
– Јас многу внимателно ја слушам дебатата во јавноста последниве денови. Од опозицијата стигаат какафонични пораки. Да речеме претседателот на СДСМ од една страна обвинува дека судството и обвинителството се под политички притисок од оваа Влада која што јас ја предводам, и сега кога овој случај е таму во обвинителството и започнува во судот, вели не, дебатата да ја пренесеме во Парламентот. Тоа не го прават тие за да ја истераат работата до крај, бидејќи тие немаат алатки ниту пак кредибилитет. Тие тоа го прават исклучиво за политизирање и тоа е она најниска форма на политика, некрофилска политика која што ја води тој и другите помали политички партии, рече Мицкоски.
Ако велиме дека судиите се независни, вели премиерот, логично е овој случај да биде во судот. Мицкоски посочи на, како што рече, лицемерноста на опозицијата која од една страна вели дека имаме квалитетни обвинители и судии, а од друга страна не им верува и бара анкетна и надзорна расправа.
Имаше обвинители кои земаа и по десет пати поголеми плати од нивните колеги, како тие од СЈО, па завршија со Луј Витон торбички
„Владата не се меша во судството, но Владата е одговорна за трошењето на секој денар народни пари. И кога тие народни пари ги троши некоја институција или орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа“, порача Мицкоски.
„Они велат за нас не се грижете, ние сами ќе се грижиме а вас само ќе ве информираме. Ние велиме во ред, еве тоа ќе го прифатиме и ќе биде дел од законите. Но, не ја гледам потребата од зголемување на буџетот во услови кога и самиот Извештај дојден од Советот на Европа констатира дека буџетот кој што ние го издвојуваме е повисок како процент од БДП од 75 проценти од земјите членки од ЕУ. И сакам да поентирам, ние во минатото имавме експерименти кога обвинители земаа и по десет пати поголеми плати, како тие од СЈО, па знаете како завршија со Луј Витон торбички, со хонорари исплатени кои се бројат во десетици, би рекол стотици илјади евра, а правдата гледаме како заврши“, вели Мицкоски.
Во однос на тоа што има направено Владата во борба против криминалот и корупцијата, Мицкоски рече дека за разлика од претходно сега се отвораат истраги и се спроведуваат кривични пријави до правосудните органи.
„Еден врховен судија е фатен на дело како зема мито. Во тој случај заедно е замешан поранешен висок функционер во Обвинителството и во тој момент член на Советот на јавни обвинители, нешто што да речеме во минатото беше невозможно. За многу случаи од минатата влада се поднесоа кривични пријави, се почнаа истраги, дел од нив се во бегство, дел се тука, отпочнати се судски процеси. Имаме еден директно кој што беше директор во здравствен установа која што беше фатен со мито и беше приведен. Имаме директор кој што е дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ кој што исто така беше фатен со мито и сега е во притвор итн.“, посочи премиерот.
Премиерот Мицкоски нагласи дека обвинителите и судиите не ја искористија шансата да спроведат правда, потенцирајќи дека на сите анкети направени судството и обвинителството имаат најмала доверба од страна на граѓаните.
„Ние од прв ден рековме дека нема да влеземе и да правиме естрада, рековме дека ќе се бориме против криминалот и корупцијата, така и се однесуваме рековме дека ќе дадеме шанса, но не ја искористија таа шанса. Дали има некој во државата граѓанин што мисли дека овие членови во судскиот совет и обвинители се кредибилни личности во борба против криминалот и корупцијата? Јас не мислам и тоа го покажуваат бројките. На било кој анкета направена ќе видете дека граѓаните најмала доверба имаат во обвинителите и судиите“, дециден е Мицкоски.