Мицкоски: Барав од Јакимовски да нема бетонизација на Карпош, тој ми рече „морам од нешто да живеам“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, во рамки на кампањата за вториот круг од локалните избори, на мини митинг во Карпош, ги повика граѓаните на 2 ноември да гласаат за „број 9, за крај на бетонизацијата, за развој и напредок“, порачувајќи дека актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски мора да биде минато во Kарпош.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, во рамки на кампањата за вториот круг од локалните избори,  на мини митинг во Карпош, ги повика граѓаните на 2 ноември да гласаат за „број 9, за крај на бетонизацијата, за развој и напредок“, порачувајќи дека актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски мора да биде минато во Kарпош.

Мицкоски, посочи дека зборува како човек кој го поминал својот живот низ улиците во Карпош со карпошани и порача дека на овие локални избори народот јасно и гласно кажа која партија ја има довербата.

-Денес сум овде како човек кој го поминал својот живот тука во овие улици тука низ Карпош, како карпошанец и како таков сакам да кажам неколку работи коишто сметам дека се важни да се кажат. На овие локални избори народот јасно и гласно кажа која партија ја има довербата. После првиот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 33 градоначалници плус кандидатите кои се во втор круг како првопласирани и 6 како второпласирани, тогаш доаѓаме до бројка од 59 општини. Во 58 општини коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и има мнозинство во советите. Ако на тоа се додаде и огромната предност која ја има Орце во однос на неговиот противкандидат којшто вчера видовте како на медиум јавно избегна да каже дали ќе ги поддржи кандидатите во Брвеница и Кичево на ВМРО-ДПМНЕ, тоа треба да се запомни, ние знаеме, но добро е скопјани да запомнат со какви измамници имаат работа. Затоа што еднаш измамник цел живот измамник. Честа се стекнува на улица и таму се учат работи кои во училиште не можеш да ги научиш, а меѓу нив е и честа и таа се брани на улица, но овој човек не само што не ја има таа чест туку тој има од кого да учи од неговиот ментор претседателот на таа политичка партија за која одамна вие знаете за каков измамник станува збор. Тие луѓе ја изгубија својата чест и ја немаат, нагласи Мицкоски.

Мицкоски од Карпош повика на масовна излезеност и поддршка за број 9, за Сотир Лукровски и Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје.

-Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Град Скопје убедливо победи во однос на сите други советнички листи, што значи имаме вкупно 60 општини во кои ВМРО-ДПМНЕ победи на овие локални избори во првиот круг. Јас сум убеден дека и после вториот круг ќе имаме 59 градоначалници плус Градот Скопје, истакна Мицкоски.

Зборуваше и за актуелниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, навраќајќи се неколку години назад и раскажа што се случувало.

-Никогаш не сум зборувал порано каде ни се разотидоа патиштата со Стевче Јакимовски кој беше дел од нашата коалиција, но мислам дека денес е добра можност да кажам некоја реченица за тоа. Ќе се вратам на таа 2021 година, пред 4 години, после прв круг на локалните избори дојде ненајавен исплашен во паника и нормално го примив, велам што е работата Стевче, вели те молам ако треба и на колена ќе клекнам, те молам да ја имам вашата поддршка. Јас го гледам и велам немој, непријатно ми е, сепак си човек во години не ти личи вакви работи, те молам седни на столчето, дај напиј се вода, ќе разговараме, да видиме како можеме да помогнеме, сепак сме коалиција, ние првиот круг победивме. Не, те молам пак ќе клекнам, што треба ќе направам, само да ме поддржите, вели народ може да те оправда, да те обели. Само народ може да ме обели да победам на избори и ништо не ми треба после. Велам Стевчо, имам едно барање до тебе сè друго те разбирам само те молам да нема бетонизација за Карпош, уморни се карпошани. Вели не ме интересира ништо само народ да ме обели. Заврши состанокот се вклучивме целото раководство во кампања, тој стана градоначалник. Поминаа неколку дена отидов да му честитам и ми вели дојди да ти покажам, една голема маса, кој била знае ги наредил сите детални урбанистички планови, 30 на ред и вика бирај, што да бирам му викам, па кои се за тебе. Чекај Стевчо, нели беше кај мене во кабинет нели молеше да те поддржиме да застанеме зад тебе нели рековме нема бетонизација. А вика не тоа, јас морам да живеам од нешто. Го погледнав, само му се заблагодарив, не му велам, благодарам за ова од мене немаш поддршка и со заминав, истакна Мицкоски.

После тоа разочаран, Мицкоски рече, Јакимовски почнал да го напаѓа неговото семејство, и ги потсети карпошани дека „станува збор за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал“.

-После тоа разочаран, бидејќи истото тоа го потврдија и нашите советници во советот му кажаа не благодарам, почна да го напаѓа мојот родител, па потоа мојата сопруга, па да го навредува мојот постар син за да на крај се скара и со помалиот син. Ете за таква личност станува збор. Сакав ова да го кажам за да знаат карпошани со кого имаат работа. Но времето на овој итрец завршува. Сакам да ги потсетам карпошани дека станува збор за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал. Затоа ве повикувам на 2 ноември и масовно да гласаме за Сотир да го заокружиме бројот 9, истакна Мицкоски.