„Ако се урнеме некаде, ќе стане јасно дека оваа дебата е непотребна“, рече Мицкоски и посочи дека нема да се купува нов државен авион

Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека владата се откажува од набавка на нов владин авион по критиките од опозициската СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека владата се откажува од набавка на нов владин авион по критиките од опозициската СДСМ. Мицкоски рече дека на средбите што ги имал со лидерот на опозицијата Венко Филипче му било речено дека за оваа тема не треба да се критикува Владата и дека нема да ја критикуваат Владата бидејќи утре ќе биде друга влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини.

„Но, гледам дека не си стојат на зборот и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по конференција за формализирање на неформалната економија.

Владиниот „лирџет 60“ е произведен во 2004 во Вичита, Канзас, во фабриката на „Бомбардиер аероспејс“ и е во сообраќај од јануари 2005 година. Kупен e во време на Владата на Владимир Бучковски. Според перформансите тој е бизнис авион со долет на средни линии, односно од Скопје и Охрид може да лета низ Европа и до Блискиот исток, но не и на прекуокеански летови и има седум седишта.

Премиерот кажа дека владиниот „лирџет“ го користел четири пати. Од Сплит до Скопје после годишниот одмор во август лани, се вратил со владиниот авион бидејќи го пропуштил летот на „Кроација ерлајнс“.

„До Хрватска бев со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс‘ до Сплит, на покана на хрватскиот претседател господинот Зоран Милановиќ. Имав работна вечера и мојот годишен одмор којшто требаше да трае три дена, го продолжив за еден ден да трае четири дена. И бидејќи го испуштив авионот повратно со комерцијален лет да се вратам во Скопје, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде, ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје“, рече Мицкоски.

Извор: СДК