
Христијан Мицкоски истакна дека оваа година ќе сторат се што е во нивна моќ да се одржат избори и „наместо влада и премиер избрани од неколкумина, да се избере нова влада и премиер од народот“.
Мицкоски во гостување во утринската програма на Македонската радио телевизија изјави дека е задоволен од сработеното минатата година, и на политички и на професионален план, додавајќи дека можеби една работа недостасување – предвремени парламентарни избори.
Тој порача за оваа година изјавувајки : „Да бидеме единствени, да се обединиме и да го победиме злото“.
На политички план, тој се осврна на работата на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, откако партијата ја однесе победата на локалните избори во 2021 година.
„Покажавме дека не се сите исти, дека една плејада на нови градоначаници на ВМРО-ДПМНЕ од различни возрасти, некои помлад, некој повозрасни, од различни професии успеаа да покажат дека не сме сите исти. Навистина се реализираа многу проекти без ниту еден скандал што е многу важно“, изјави Мицковски.
Мицкоски на 30 декември, изјави дека од опозициската партија се охрабрени бидејќи има пратеници од коалицијата која е во „владата на ДУИ поддржана од СДСМ“ што веќе праќаат јасни сигнали дека се подготвени во парламентот да поддржат негово распуштање и организирање на предвремени избори.
Тој ги повтори 14 и 21 мај како датуми на кои би се одржале предвремени парламентарни избори, затоа што смета дека е јасно дека оваа владина коалиција „ваква каква што е“ не може да продолжи понатаму.
Во врска со пратениците од владејачката коалиција за кои тврди дека се подготвени да поддржат распуштање на парламентот и распишување на избори, Мицкоски рече дека не може да соопшти повеќе детали поради можни притисоци врз овие луѓе.
Како краен период кога работите треба да станат појасни тој го наведе крајот на јануари и почетокот на февруари следната година.
Кон крајот на 2021 година, кратко по локалните избори, опозициската партија поднесе иницијатива во Собранието за гласање на недоверба Владата, но и недостасуваше еден глас за да обезбеди кворум. Стануваше збор за пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи.
Реџепи по неколкуте дена во кои беше недостапен во јавноста, поради што се појавија шпекулации дека е киднапиран, се огласи првин преку социјалните мрежи, а потоа излезе на прес-конференција на која образложуваше дека сакал да дојде на седницата, но откако слушнал дека ќе биде единствениот присутен што ќе гласа против, од безбедносни причини, одлучил да не се појави. Тој рече дека иако се потпишал на иницијатива за гласање недоверба, околностите се смениле и решил во име на европските интеграции да не гласа.