Денес Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата достави барање до Собранието за одржување на итна седница на која ќе се разгледува Предлог законот кој го поднесовме, а се однесува на Законот за енергетика, информираше Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
„По вчерашната прес конференција на Ковачевски видовме дека Владата едноставно препишала делови предлог мерките кој што ние како ВМРО-ДПМНЕ го понудивме, но сметаме дека она што Ковачевски го презентираше не е доволно. Имено, во мерките кои што Ковачевски ги презентираше слушнавме дека ќе добиваат поевтина електрична енергија образовните и јавните здравствени установи но случајно или не ги изостави водостопанските и комуналните претпријатија кои што поради високите цени на електрична енергија имаат проблеми со ликвидноста што во следниот период може да доведе до повисоки сметки за домаќинствата и стопанството. Како одговорна партија бараме целосно, а не парцијално прифаќање на нашиот предлог. Со Предлог законот за енергетика кој што ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во самиот текст опфатени се и водоводните и комунални претпријатија кои што имаат огромни трошоци за електрична енергија“ – нагласи Мицевски.
Според него ако СДСМ и Ковачевски навистина се грижат, треба да го поддржат нивниот Закон за енергетика.
„Со тоа ќе покажат дека се грижат за граѓаните и за стопанството. Во нашиот предлог закон покрај училиштата и здравствените уставови опфатени се и водостопанските и комуналните претпријатија. Со тоа директно ќе им олесниме на граѓаните и стопанството да не доаѓа до поскапување на услугите поврзани водоснабдувањето. Ајде прво да ги изгласаме овие измени на законот, па потоа да ги изгласаме и задолжувањето кај ЕБОР и сите оние конфузни предлог мерки кои што ги слушнавме во текот на вчерашниот ден“ – повика Мицевски.