Михаел Линхарт: Северна Македонија е типичен пример за кандидат во ЕУ, се заложуваме во декември да почнат преговорите

Австрискиот министер за европски и меѓународни работи, Михаел Линхарт денеска на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин во Скопје – Бујар Османи рече дека се надева на почеток на преговорите со Северна Македонија уште идниот месец.

„Оној што го исклучува Западниот Балкан, ја ослабнува Европа. Ние се заложуваме и ќе продолжиме да се заложуваме за тоа уште во декември да почнат преговорите. Тоа е нашето барање, и тоа барање го поставуваме пред нашите партнери во Европската Унија и тоа интензивно“ изјави Линхарт.

Тој смета дека се додека земјите од Западен Балкан не се членки на Европската Унија, се дотогаш ЕУ не го завршила интегрирањето.

„Северна Македонија е типичен пример за кандидат во ЕУ. Затоа Австрија и натаму ќе се заложува за почеток на преговорите со Северна Македонија“ вели тој.

Министерот Бујар Османи, пак, рече дека Австрија е еден од најсилните поддржувачи на земјава за интегрирањето во ЕУ.

„Се наоѓаме во еден исклучително важен период за европските интеграции на државата и на целиот регион. Му кажав на министерот дека во Северна Македонија и во нашето досие лежи клучот за деблокирање на целиот регион“ порача Османи.