Митрески: Секој пратеник да даде свој придонес за функционално и ефикасно Собрание

Денес во Собранието одржавме редовна координација на која начелно договоривме начин на делување во следниот период. Во тој контекст сакам да испратам неколку пораки до сите пратениците. Пратениците како избраници, како претставници на граѓаните треба да работат одговорно и посветено токму во интерес на граѓаните. Во услови на глобалните предизвици, кои доведоа до економска и енергетска криза во светот, уште поголема е одговорноста на собранието и на секој пратеник. Очекувам секој пратеник со своето однесување да даде придонес за функционално и ефикасно собрание кое работи исклучиво во интерес на граѓаните, изјави Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата.

Тој истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ одби да присуства на денешната координација кај претседателот на Собранието. Се надевам дека ќе се промени овој однос.

Митрески вели дека не сака да верува дека во ВМРО-ДПМНЕ не ја научиле лекцијата, ниту дека не ја примиле пораката од граѓаните.

Ја повика опозицијата да ги научи лекциите од минатото и наместо блокади и деструкции да делуваат конструктивно и одговорно. Тоа е во интерес на сите граѓани.

Наместо активна и пасивна блокада, одолговлекување на пленарните заседанија и седниците на собраниските комисии, навредување и попречување на работата, потребен е функционален и ефикасен парламент, истакна Митрески.