Митрески за Рамазан: Изминатиов месец покажавме дека не е важно на која религија припаѓаме, туку е важна меѓусебната почит и разбирање

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, упати честитка до поглаварот на ИВЗ и до граѓаните од исламска вероисповед по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, посакувајќи им денешниот ден да го поминат во среќа, благосостојба и во хармонија со своите најблиски.

„Верувам дека, по еден месец пост, сите Ваши желби ќе бидат слушнати, а меѓусебната почит, разбирањето, толеранцијата и хуманоста, кои треба да бидат одраз на секој човек, ќе помогнат тие да се исполнат. Верските празници го воздигнуваат човекољубието, така што изминатиов месец покажавме дека не е важно на која религија припаѓаме, туку е важна меѓусебната почит и разбирање, кои нѐ прават сите нас подобри и духовно побогати“, наведува претседателот Митрески во честитката.

Тој нагласува дека во тоа се и убавините на ифтарските вечери, на кои, како што вели, го покажавме меѓусебното разбирање и толеранција, но и споделивме заеднички моменти, кои секогаш ќе останат во нашите срца.

„Почитуван г-дин. Фетаи, Вам ви посакувам добро здравје и волја и мудрост во својата мисија да бидете водач на верниците и да бидете нивна поддршка во сите искушенија со кои се соочуваат. Заедно да ги воздигнуваме вредностите што обединуваат. Празникот Рамазан Бајрам нека донесе мир во срцата, спокој во душите, радост и слога во домовите! Честит Рамазан Бaјрам“, нагласува претседателот Митрески во честитката до Реисул Улема на Исламската верска заедница Шаќир Еф. Фетаи и до граѓаните од исламска вероисповед.