Пратениците од СДСМ преку допис до собранискиот спикер Африм Гаши бараат тој да ја свика Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на која ќе се бара начин да се деблокира законот за бранители.
Доколку Гаши не го направи тоа, собранискиот потпретседател и пратеник Јован Митрески изјави дека би чекале до крајот на неделата, пред да преземат понатамошни чекори.
– Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски поднесе барање до претседателот на Собранието дали и кога ќе ја свика седницата на Комисијата за разгледува на овој закон, по ист терк како што беше свикана Комисијата за финансирање и буџет. До овој момент нема одговор и најверојатно нема ни да има. Ако се сигурни и ако спикерот Гаши е сигурен во неговото образложение, барам да се свика надлежната Комисија и таму да ги судриме аргументите. Ова е шанса и за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да докажат дека реално се залагаат за решавање на проблемот, а нивната заложба не е само декларативна, истакна Митрески на прес-конференција во Собранието.
Собранискиот спикер Гаши изјави дека тој уште претходно имал план за свикување на седницата која сега ја бара СДСМ за автентично толкување на неговата надлежност во вакви случаи. Најави дека истата ќе се одржи најдоцна до 4 октомври. Дали веќе им одговорил на пратениците од СДСМ не откри.
Во меѓувреме, пратеникот Халил Снопче од Вреди денеска ја дообјаснува изјавата дека ќе ја напуштат владината коалиција доколку во Собранието поминат законот за бранители или оној за јазици.
Откако премиерот Мицкоски вчера им одговори „да им е со среќа“ ако сакаат да излезат од Владата, Снопче вели дека не се заканувал туку само пренесувал политички став, а владиното партнерство според него е функционално.