
Митревски презентира нови судски пресуди и најави кривични пријави, Трендафилов со порака дека претседателот на ССМ го бираат работниците
Живко Митревски и натаму тврди дека е незаконски сменет од позицијата претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и дека моментно таа функција ја извршува, како што вели, нелегитимно избраниот Слободан Трендафилов.
Живко Митревски и натаму тврди дека е незаконски сменет од позицијата претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и дека моментно таа функција ја извршува, како што вели, нелегитимно избраниот Слободан Трендафилов. Митревски денеска на прес-конференција презентираше уште две добиени пресуди, од Основниот граѓански суд и од Апелацискиот суд, со кои, рече, јасно се утврдува дека незаконски добил отказно решение. Најави и дека против Трендафилов уште во текот на денов ќе бидат поднесени две кривични пријави – за неизвршување судска одлука и за сторено кривично дело „повреда на право од работен однос“.
Трендафилов, пак, тврди дека е легитимно избран на Конгресот одржан пред 18 месеци, согласно актите на ССМ, од страна на легитимно избрани членови на Советот, легитимни делегати и легитимни грански синдикати. Тој го нарече Митревски квазисиндикалец. Сите правни постапки за смена на Митревски се правосилно завршени и потврдена е неговата смена уште во 2017 година, дециден е Трендафилов. Точно е, нагласува актуелниот прв човек на ССМ, дека има правосилни судски пресуди со кои „криминалци како овластени лица на синдикати го оштетиле ССМ за близу еден милион денари. За тоа има првостепена, второстепена и пресуда од Врховниот суд, а Митревски, како полтрон и поттрчко на политичката партија која ја поддржува, се обидува да одработи за да не плати отштета“.
– По бруталното менување од страна на политичката партиска спрега тогаш и техничката тогашна министерка Ременски, ССМ во дослух со тогашната политичка партиска структура реши на претседателот на ССМ да му даде отказно решение. Но, иако правдата е спора, вистината излегува на виделина. Нелегитимниот Трендафилов кој треба да се грижи за правата на работниците, посебно на оние што се отпуштени од работа, не само што не ја спроведе пресудата која според законот е задолжителна, туку направи и кривично дело „неизвршување на судска пресуда“. Ако службеното лице кое добило судска пресуда поврзана со враќање работник, не ја спроведе, му следува казна од една година затвор, истакна Митревски.
Тој останува на ставот дека Владата и Министерството за економија треба веднаш да интервенираат за смена на Трендафилов „поради расположливите докази за неговата легитимност“.
– Доставивме барања и докази кои потврдуваат дека Трендафилов не е легитимен претседател. Има и известување и записник од Трудовата инспекција која ги констатирала сите неправилности според кои Трендафилов ги прекршил Стаутот и Законот за работни односи, како и дека не може да биде претседател на ССМ. Две решенија се донесени, едното со кое се одби да биде впишан како претседател на Гранскиот синдикат за трговија, а другото со кое се одби да биде впишан за в.д. претседател на ССМ, а ако не е претседател на ССМ не може да биде претседател на ССМ. И покрај тоа што имал две решенија, постапувајќи спротивно на решенијата, фалсификувајќи исправи, направил Конгрес на 30 јуни и се потпишувал и утврдувал делегати, иако не бил лице за претставување и застапување во ССМ, рече Митревски.
Обвини и дека додека е Трендафилов претседател од ССМ избркани се неколку вработени за да се примат други.
И на денешната прес-конференција Митревски повтори дека ССМ на чело со Трендафилов направил „катастрофална грешка“ во однос на Законот за минимална плата и методологијата, прифаќајќи коефициентот на зголемување да биде само 50 отсто од зголемената инфлација, наместо 100 проценти. Според Митревски, не само што сегашниот модел на минимална плата не е соодветен и издржан, туку постојат и уште седум-осум модели за минимална плата кои се практикуваат во други држави. Не мора да се субвенционираат придонесите, рече Митревски, има и други модели и решенија за минималната плата која може да биде и 650 или 700 евра.
– Имав разговори со Организацијата на работодавачи која своевремено предлагаше коефициентот да биде 100 отсто. Тоа значи дека денес ќе зборувавме за многу повисока минимална плата од утврдената во сегашното законско решение. Ако го добијам решението за смена на Трендафилов, бидете уверени дека сум во разговори со Организацијата на работодавачи и дека ќе најдеме веднаш решение со кое ќе утврдиме и повисока вредност од сега утврдената со Законот за минимална плата. Ќе зборуваме и преговараме за многу повисока плата која ќе ја договориме заедно со работодавачите зашто, можеби ќе преговараме за 550 или 600 евра. Проблемот е што се разговара само за овој модел и овој Закон, а има уште седум-осум модели за минимална плата во државите. Моја препорака е социјалните партнери да разговараат за друг модел на минимална плата, рече Митревски.
Во низата обвинувањата кон Трендафилов, тој спомна дека првиот синдикалец си ја зголемил платата на околу 1 000 евра, а за патните трошоци на релацијата Скопје – Велес месечно троши, како што истакна, околу 30 000 денари.
– Да не зборувам каква штета прави Трендафилов во делот на секојдневното патување од Скопје до Велес со службено возило. Откога е дојден како претседател на ССМ се потрошени 540 000 денари, укажа Митревски.
На ова, Трендафилов, од кого медиумите побараа став, изнесе контрааргументи. Подвлече дека Митревски веќе има повеќе од 64 години и дека за некој да биде претседател на ССМ треба да биде избран од работниците.
– Несериозно е Митревски да зборува дека е легитимен, а осум години не е претседател на ништо. Го вадат од нафталин за да го напаѓа ССМ. Преминуваме во состојба на цртан филм. Вакви ликови можат да вадат колку сакаат, но нема да не одвратат од борбата за зголемување на работничките плати, особено на минималната и сите плати во приватниот и јавниот сектор. На ова предупредувавме, се случи тоа што се кажува една година наназад, дека квазисиндикалци ќе им направат најголема штета на работниците. Митревски веројанто спасот го гледа во владејачката гарнитура од која моли, плаче да го направи претседател. Работниците, членовите на ССМ избираат кој ќе се бори заедно со нив и кој ќе биде прв меѓу еднаквите. Денеска сум тоа јас и не отстапувам без оглед какви притисоци сакаат да направат и колку пати Митревски ќе го извадат на тастер на телевизија да зборува дека бил легитимен или не. Осум години се доволни да се помири со судбината иако од тогаш до сега се одржани три конгреси, нагласи Трендафилов.
Во однос на минималната плата, Трендафилов рече дека никој не ја потпишал методологијата, туку таа е утврдена со Закон.
– Никој не потпишал методологија за утврдување на минималната плата, туку таа е утврдена со Закон. Секогаш како ССМ ќе бараме да ги промениме законите на подобро во интерес на работниците, а методологијата која е во Законот за работни односи можеби е една од подобрите во моментот, но не овозможува доволен раст на минималната плата, 1 800 денари е нешто што слушнавме дека и претседателот на КСС е пресреќен да добие зашто е законска обврска. Очигледно и овој истото го смета, како да им ги пишувале соопштенијата во истата кујна. Ние се залагаме за надградување на методологијата со дополнително зголемување на минималната и сите плати за 6 000 денари, колку што е зголемена синдикалната минималнта кошница. Ако тоа им е многу, тие како Живко нека се обидат да живеат со 22 450 или 24 400 денари, рече Трендафилов според кој, ова е последен пат ССМ да коментира какви било активности „на човек кој е гробарот на работничкото движење и работничките права“.