„Митовски да поднесе оставка, извршил кривично дело со затворска казна и не може дa биде директор“

Марјанчо Митовски – в.д. директорот на „Водовод и канализација“ – Скопје не ги исполнува условите за да биде вршител на јавна функција согласно правосилната пресуда, бидејќи извршил кривично дело напад на лице со ладно оружје – нож, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

Ова денеска го изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) – Дарко Димовски.

Тој истакна дека доказите од пресудата и решението со кое Митовски се упатува на издржување затворска казна, ќе бидат доставени и до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како и до градскиот Совет.

„Затоа го повикувам в.д. директорот Марјанчо Митовски да си поднесе неотповиклива оставка, барем од морални причини, бидејќи ние работниците веќе се плашиме да одиме на работа знаејќи што направил овој в.д. директор на друг човек со ладно оружје и тука прекинува секоја наша соработка со овој в.д. директор“ – изјави Димовски.

Тој ги повика градоначалничката и Советот на Град Скопје веднаш да го разрешат Митовски, доколку сам не поднесе оставка.