Митко Панов: Со ванчомихајловизмот Бугарија го лечи комплексот на соработка со Хитлер

Како жртва на фашизмот, на илјадниците паднати македонски борци, на 7.144 депортирани македонски Евреи во време на бугарската окупација, Република Македонија не само што не смее да молчи, туку мора да го крене гласот. Како земја кандидат за членство на Европската Унија, Македонија мора да биде коректив на политиките со кои се воскреснуваат личностите кои ги споделувале фашистичките идеи...“

Историчарот Митко Панов во интервју за порталот Трилинг предупредува:

…„дебата за Ванчо Михајлов е испровоцирана, меѓу другото и за да се дефокусира јавноста од комисиските договарања за цар Самуил, Охридската архиепископија и средновековието, што за Бугарија претставува фундамент на концептот на „заедничката историја“. Секако тоа е тест за капацитетoт на актуелното македонско државното раководство за заштита на националните интереси и на историската посебност на македонскиот народ и македонската нација. Особено што Ванчо Михајлов е само незначаен сегмент од политичките цели кои треба да се реализираат преку „заедничката историја“.  

ТРИЛИНГ: МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ СЕ ВОЗБУДИ ОД КЛУБСКАТА ЖУРКА НА БУГАРСКОТО ВОДСТВО ВО БИТОЛА. ВОСОЧНАТА ФИГУРА НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ СО ГОДИНИ Е ИЗЛОЖЕНА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА ВО СКОПЈЕ И ВО ШТИПСКО И НИКОГО НЕ БОЛИ ГЛАВА ВО ДРЖАВАТА. ЗОШТО СМЕ СЕНЗИТИВНИ НА БУГАРСКАТА РЕАКЦИЈА?

Проф. Панов: Македонската нација не само што треба, туку мора да демонстрира одговорност и да реагира на секакви постапки кои на било кој начин ги загрозуваат фундаменталните вредности на кои почива современа Европа, а кои се втемелени на борбата против фашизмот во Втората Светска Војна. Спротиставувањето на ваквите тенденции претставува национална должност на сите граѓани на Република Македонија и генерациска обврска произлезена од антифашистичката борба за народно ослободување од фашизмот, која е инкорпорирана во државотворните одлуки на АСНОМ. Исто како што на 2 август 1944 година, Панко Брашнаров, во својот историски говор, кога обзнанува со радост „како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“, се повикува на генерацискиот залог од „многубројните народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија“, на кои „им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденцина Гоце Делчев и денешните Илинденцимладата македонска војска“ која ја извојува слободата на Македонија.

АСНОМ е нашиот устав, нашето начело, нашата иднина. Манифестот и одлуките на АСНОМ ги нема повеќе во уставот, поради политиките на македонското раководство и дел од политичките елити. Но, АСНОМ не може да се избрише, исто како и македонските вековни историски традиции на кои се повикувале државотворците во говорите, во Манифестот и во одлуките на АСНОМ. Иако тоа некои го посакуваат и отворено настојуваат да го променат со историските ревизионизми.

Како жртва на фашизмот, на илјадниците паднати македонски борци, на 7.144 депортирани македонски Евреи во време на бугарската окупација, Република Македонија не само што не смее да молчи, туку мора да го крене гласот. Како земја кандидат за членство на Европската Унија, Македонија мора да биде коректив на политиките со кои се воскреснуваат личностите кои ги споделувале фашистичките идеи. Независно кој ги воскреснува и од кои мотиви! Истото се однесува и на негаторските политики манифестирани преку историскиот ревизионизам, со што насилната промена на македонскиот национален наратив – што го вклучува и историскиот карактер на АСНОМ и антифашистичката борба – се поставува како услов и критериум за почеток на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ.

Оттаму, вашето прашање би го преформулирал – зашто досега се молчеше (освен со исклучоци), кога македонската историја стана предмет на јавна политичка делба од соседите, а македонскиот национален наратив објект на политичка ревизија, со што се оспорува самото постоење на македонскиот народ и се негира македонската нација?!

Зашто гласните критикувачи на т.н. „антиквизација“ одеднаш занемеа кога античката историја и наследство со договорот во Преспа се „хеленизираше“, станувајќи „историска и културна сопственост“ („Patrimony“ според членот 8:1-2 од Преспанскиот договор), на современа Грција, а со тоа и историските имиња Македонија и Македонци.

Каде беа политичките елити и интелектуалците кои ги подржуваа и оправдуваа политичките договори, да реагираат кога македонското словенство за кое толку се грижеа, беше „бугаризирано“ преку комисиското врамување на средновековните личности од Македонија во концептот на „заедничка историја“, што со владините одлуки од јули 2019 година беше политички догматизирано како „историска вистина“.

Зашто молчеа кога директно беше доведен во прашање антифашистичкиот карактер на АСНОМ, со јавните заложби на македонското политичко раководство за отстранување на бугарскиот предзнак пред фашистички“ и пред „окупатори“ на натписите и спомениците ширум Република Македонија, како и во учебниците, а со тоа и од колективната меморија на македонскиот народ и на сите етнички заедници кои се бореле против фашизмот. Не само што молчеа, туку незначителен дел од интелектуалците истапија и сѐ уште истапуваат со коментари со кои го релативизираат антифашистичкиот карактер на АСНОМ и борбата против фашистичкиот окупатор олицетворен во тогашна Бугарија.

Зашто ги немаше да реагираат, кога само пред неполни два месеци, ко-претседателот на македонскиот дел од комисијата јавно го негираше фашистичкиот карактер на бугарската држава во времето на Втората Светска Војна, отворено залагајќи се ваквото историско редефинирање да биде рефлектирано и во македонските учебници низ процесот на комисиското договарање?!

Сега реагираат за името на „културен клуб“, регистирано уште во 2019 година, а претходно отворено ја поддржуваа и пропагираа промената на уставното име на Република Македонија, со што придавката македонски се забрани како именска одредница за нацијата и за сите национални идентитетски атрибути, што беше проследено со бришење на одлуките и Манифестот на АСНОМ, во кои се содржани историските традиции на кои се повикувале државотворците, а кои се објект на политичка ревизија преку комисијата!

ТРИЛИНГ: ДАЛИ ПОСТАПКИТЕ И ИСТОРИСКИОТ БАГАЖ НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ СЕ ДЕМИСТИФИЦИРАНИ ОД МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИОГРАФИЈА. КАКО БИ ГИ КВАЛИФИКУВАЛЕ – ТЕРОРИСТ, ФАШИСТ, СЕПАРАТИСТ, ЕКСПОНЕНТ НА ГОЛЕМОМАКЕДОНСКАТА ИДЕЈА ЗА ПОТРЕБИТЕ НА БУГАРСКИОТ ХЕГЕМОНИЗАМ, НО И ЛИКВИДАТОР НА ЕКСПОНЕНТИТЕ НА СРПСКИОТ ХЕГЕМОНИЗАМ ВРЗ МАКЕДОНИЈА?

Проф. Панов: Моите колеги историчари, чијашто научна преокупација е овој период од историјата, го имаат апсолвирано ова прашање. Во поглед на Ванчо Михајлов, нема потреба од демистификација, бидејќи неговата улога и место во историјата е елаборирана и искристализирана во македонската историографија. Особено што своите убедувања тој ги има јавно декларирано, за што постојат и видео записи кои покажуваат како тој самиот се квалификувал себеси. Но, судејќи според постапките на основачите на бугарскиот културен клуб кој го носи неговото име, со што демонстративно се воскреснува личноста на Михајлов и тоа со јавна промоција во присуство на највисокото бугарско политичко раководство, прашањето за демистификацијата треба да се упати на нивна адреса. Истото се однесува и на целите кои сакаат да се постигнат со проектирањето на Ванчо Михајлов во современа Македонија. Апсурдот да е поголем, тоа се прави под превезот на културата и заштитата на човековите права, а притоа се оспорува народот и нацијата од која се бараат таквите права, пришто истите права се негираат во Бугарија.

Во овој контекст, само би се осврнал на фактот што Ванчо Михајлов го оспорувал македонскиот историски наратив и бил првиот кој ја нападнал „Историјата на македонскиот народ“ (1969) во книшката објавена под псевдонимот Радко Дејанов истата година. Михајлов посебно го критикувал делот во „Историјата на македонскиот народ“ за Самуиловата држава, напишан од хрватскиот историчар, Стјепан Антолјак, оценувајќи дека тоа требало да овозможи на Титова Југославија и на „скопските агенти“ полесно „да се говори за некаков македонски народ, и тоа народ со историско минато“. Оспорувајќи ја посебноста на Самуиловата држава, Ванчо Михајлов, претендирал да „докаже“ дека традициите, народниот говор, книжевниот јазик, словенската писменост, Охридската архиепископија биле „стопроцентно бугарски“, со што го негирал постоењето на македонскиот народ. Нешто што денес го тврди и официјална Софија и претендира преку комисијата за историски и образовни прашања да го наметне како нов наратив за Република Македонија, со кој историски треба да го делегитимира самото постоење на македонскиот народ и македонската нација. Тоа води и кон клучното прашање – зашто токму сега! Особено што регистрацијата на бугарскиот културен центар со името на Ванчо Михајлов датира уште од 2019 година.

ТРИЛИНГ: ДАЛИ СЕ ПРОУЧЕНИ ИДЕИТЕ НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ ВО ПАМФЛЕТОТ – МАКЕДОНИЈА КАКО ШВАЈЦАРИЈА  НА БАЛКАНОТ? КОЛКУ ТАА ИДЕЈА КОРЕСПОНДИРА СО ОБЕДИНЕТИ СИТЕ ДЕЛОВИ НА МАКЕДОНИЈА ПОД ПАТРОНСТВО НА БУГАРИЈА?

Проф. Панов: Нема потреба од експликација на нешто што и самиот го нарекувате памфлет, а што никогаш немало да заживее. Особено имајќи ги предвид познатите ставови на Михајлов за негацијата на посебноста на македонскиот народ, со што не биле артикулирани интересите на Македонците. Дали со тоа се проектираат некои други замислени цели од современ аспект, е друго прашање.

ТРИЛИНГ: ДАЛИ ВО БИТОЛСКИОТ ТЕСТ БУГАРИЈА ПРЕКУ ВАНЧОМИХАЈЛОВИЗМОТ САКА ДА ИСПРАТИ ПОРАКА ДЕКА ПРОФАШИСТИЧКИТЕ ИДЕИ СЕ ПОДЕДНАКВО Е  ПРИСУТЕН ВО ДВЕТЕ СРЕДИНИ И НА ТОЈ НАЧИН ДА ГО ЛЕЧИ СВОЈОТ КОМПЛЕКС НА СОРАБОТКАТА НА ЦАРСКА  СО ХИТЛЕР?

Проф. Панов: Не се работи само за комплекс, иако секако има историски елементи и за тоа, поради заземањето на страната на Хитлер и силите на оската во Втората Светска Војна. Се работи за осмислена политичка агенда, заснована на современата историска пропаганда преку форсирањето на политичкиот концепт „заедничка историја“, а што бугарското раководство го поставува како услов за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ. Впрочем, доволно е да се погледнат рамковната позиција, декларацијата во бугарскиот парламент, објаснувачкиот меморандум, сублимирани во политичкиот пакет 5+1, со кои македонската нација е прогласена за непостоечка, а македонскиот народ и македонскиот јазик за „бугарски“.  Оттаму, последната политичка демонстрација во Битола и Охрид, има многу подлабока димензија и e насоченa кон засегнување на антифашистичкиот карактер на македонската народноослободителна војна, со што сериозно се доведува во прашање самото македонство.

ТРИЛИНГ: ДОДЕКА СЕ ПРЕГОВАРА ЗА ДЕЛЧЕВ, ЦАР САМОИЛ, ОДЕДНАШ ДЕФОКУС КОН ВАНЧОМИХАЈЛОВИЗМОТ? ДАЛИ Е ТОА ТЕСТ ЗА ИСТОРИЧАРИТЕ ИЛИ ЗА ДНЕВНИТЕ ПОЛИТИЧАРИ?

Проф. Панов: Се согласувам дека дебата за Ванчо Михајлов е испровоцирана, меѓу другото и за да се дефокусира јавноста од комисиските договарања за цар Самуил, Охридската архиепископија и средновековието, што за Бугарија претставува фундамент на концептот на „заедничката историја“. Секако тоа е тест за капацитетoт на актуелното македонско државното раководство за заштита на националните интереси и на историската посебност на македонскиот народ и македонската нација. Особено што Ванчо Михајлов е само незначаен сегмент од политичките цели кои треба да се реализираат преку „заедничката историја“. Сето тоа води, меѓу другото и кон редефинирање на историскиот карактер и значење на народноослободителната антифашистичка војна. Од наметнатиот ревизионизам, во сите историски епохи, ќе произлезе дека историски македонскиот народ не постоел, дека немало окупација во Втората Светска Војна, туку „ослободување на Македонија од бугарските војски, и дека АСНОМ бил израз на Југословенската комунистичка идеологија со која дотогашните етнички Бугари биле насилно конвертирани во Македонци. И сето тоа под претекстот на „говорот на омраза“ и заштитата на човековите права на граѓаните со бугарска самосвест.

Тестот не го поминаа ниту македонските членови на комисијата за историски и образовни прашања, бидејќи самите ја презедоа обврската (без мандат од договорот за добрососедство со донесување од нивна страна на правилник за работа) да го ревидираат националниот наратив, да селектираат личности од историјата на Македонија кои ќе ги врамат во политичкиот концепт на „заедничка историја“ и со тоа ќе им дадат „бугарска“ историска содржина и квалификација. Впрочем, во февруари годинава, самите македонски членови јавно ја констатираа сопствената апсурдност, кога политичките раководства на двете земји решија заеднички да го прослават Гоце Делчев. Според нивното поимање, апсурдноста се состои во фактот што тие биле одговорни да дадат историски суд како ќе се квалификуваат личностите од историјата на Македонија, а кои тие ги избрале да бидат дел од „заедничката историја“ и како ќе се изучуваат во иднина. Навистина апсурдно, особено што токму на тоа инсистира бугарското политичко раководство, бидејќи за Софија не е доволна досегашната пракса за заедничко чествување на светите Кирил и Методиј, туку настојува на нивно историско дефинирање и квалификување како дел од „заедничката историја“, која треба да најде рефлексија и во македонските учебници.

Им порачувам да ја прочитаат пораката на АСНОМ до идните македонски генерации за одржување на вековитиот завет и долг кон државата и нацијата, која ќе остане за навек, наспроти актуелните политички тенденции за историски ревизионизам: „Во овија дни се решава судбата на нашиот народ за векови. Историјата ве поставила пред судбоносна пробаво овие решителни моменти сите ние изградуваме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме!”.

ТРИЛИНГ: МОЖЕМЕ ЛИ ГОЛЕМАТА ИДЕЈА ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА ДА ЈА ЖРТВУВАМЕ СО ПРЕКИН НА ПРЕГОВОРИТЕ ВО ИСТОРИСКАТА КОМИСИЈА, СО НОВА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРЕГОВОРИТЕ ВО СОФИЈА И ШТО ПОД НЕА СЕ ПОДРАЗБИРА? КАКО ДА СЕ СОЧУВА НАЦИОНАЛНОТО, НО И НАУЧНО ДОСТОИНСТВО?

Проф. Панов: Како што споменав и претходно, Република Македонија како дел од антифашистичката коалиција и победник во Втората Светска Војна, мора да биде корективот на политиките и политичките уцени, кои не само што немаат ништо заедничко со европските вредности, со слободата на научната мисла и со општочовековите права, туку и ги доведуваат во прашање истите. Република Македонија мора да се спротивстави на насилниот историски ревизионизам на македонскиот национален наратив, што е без преседан во историјата на суверените нации. Чешка и Словачка преку примерот на Република Македонија и светите Кирил и Методиј, јавно демонстрираа дека ЕУ не смее да стане судија која ќе пресудува што е историска вистина и нема да дозволат политичките манипулации со историјата на една нација да бидат наметнати како услов за членство на друга нација. Истото се однесува на позитивните европски практики на формирање на комисии, чијашто работа се темели на меѓусебно респектирање и научно дебатирање, без политички интервенционизми и историски ревизионизми кои го денационализираат историскиот наратив на една од страните.

Со опстојувањето на неотуѓивото право на сопствен национален наратив, Република Македонија ќе застане во одбрана на своето национално достоинство, со што ќе ги заштити и европските вредности на земјите членки на ЕУ. Во спротивно, македонската нација ќе се откаже од националниот наратив и од историското и културното наследство, кое ќе стане „сопственост“ на соседите, што ќе даде туѓа идентитетска содржина на народот, кој повеќе нема да биде македонски, исто како и нацијата.

Гордоста и достоинството на нацијата немаат цена и нивното зачувување е уставна обврска на секој граѓанин. Истото се однесува и на научното достоинство, за што несомнено треба да се поседува научен интегритет.