Митинг за поддршка на Русија во Белград
Во соседна Србија, во главниот град денеска се одржа митинг за поддршка на Русија.
На митингот се вееја знамињата на Русија, Белорусија, Србија, Новорусија, како и знамето со ликот на Ратко Младиќ. Околу илјада граѓани се собраа на паркингот во близина на белградскиот Сава центар пред планираното протестно возење за поддршка на Русија и рускиот народ во војната со Украина.
Авто-поворката „Србите за Русите“ тргна од Сава центарот и помина низ централните градски улици, на многумина им беше нацртана буквата „Z“, како на руските борбени возила во Украина, а митингот заврши кај Руската амбасада во Белград.
Во поканата за протестот на социјалните мрежи не беше објавено кој е организатор на протестот, но собирот го поддржа екстремно десничарската организација – Народна патрола.
Досега во Белград се одржани два собири за поддршка на украинскиот народ и против војната, но на нив имаше помалку луѓе за разлика од митингот за поддршка на Русија.