„Последните случувања со големиот скандал за земање на мито од 10 илјади евра од страна на судијата Наќе Гроргиев и второсомничениот јавен обвинител Иџет Мемети е само уште еден доказ дека во Македонија власта на СДС и ДУИ, наместо правен воспостави криминален систем. Колку е огромен овој скандал потврдува и фактот што станува збор за кривично дело земање поткуп од судија и јавен обвинител, а истото противправно дејство е со единствен цел – обезбедување олеснителни околности за кривичен случај кој се води против поранешен градоначалник на Ново Село – Боро Стојчев“ рече денеска на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа истакна дека „Не залудно на сите мерења на јавното мислење довербата во судството, обвинителството и правосудниот систем во целина е на поразителни 1%, историски најниско ниво на доверба додека токму власта на СДС и ДУИ ги убедуваше граѓаните дека тие се европски фронт. Ова е уште еден доказ зошто во Македонија нема систем, нема функционални институции, нема правда и со сигурност граѓаните немаат мир. После откривањето на скандалот со корупција во највисоките редови во правосудството, логично се поставува прашањето дали овој случај со ексградоначалникот и митото од 10 илјади евра е единствен случај на овие два функционери во правосудството?“
„Дали и колку илјадници евра биле барани за случаите со финансиски криминали, трговија со дрога, убиства и слично за кои јавноста е сведок дека не видовме ниту право ниту правда? Дали е точно дека во правосудството само во изминатите неколку години биле изрекетирани неколку милиони евра? Колку накевци и иџетовци инсталираа СДС и ДУИ во македонското правосудство? Остана да лебди и прашањето дали и колку длабоко пипците на судскиот октопод се раширени во системот и дали главата на тој октопод се всушност функционери на власта на СДС и ДУИ?“ прашува Митева.