Митева: Додека Бујар Османи се жали дека не може да преживее со 125.000 денари плата, како ли ќе преживеат 99% од граѓаните?

„Владата не сакаше да го продолжи рокот за гарантирани цени за храната и некој безалкохолни пијалоци, и од денеска цените во маркетите повторно ќе бидат повисоки и ќе удрат по џебот на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај и го преживуваат месецот. Во услови кога потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство достигна скоро 60.000 денари, пари кои ретко кој ги заработува, власта свесно ќе стимулира нов раст на цените за да го земе и последниот денар од граѓаните“ порача на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа смета дека „додека цените растат и народот не знае како да го помине месецот Ковачевски се фали дека ги зголемил платите, што е врв на глупоста, која е демантирана лично од неговиот министер Бујар Османи. Османи јавно се жали дека платата му е мала и доколку еден месец не земе плата, веќе следниот ќе мора да се задолжи. Ве молам да ја погледнеме изјавата на Османи“.

„Важно е да се напомене дека платата на Бујар Османи е над 125.000 денари, што е двапати повеќе од една потрошувачка кошница за четиричлено семејство. Оттука се поставува прашањето, доколку Бујар Османи не може да преживее со плата од 125.000 денари, како тогаш Ковачевски очекува граѓаните кои земаат помала плата од Османи, а тоа се 99% од луѓето во државата да го поминат месецот? Што треба да кажат граѓаните кои земаат 25.000 денари плата? Каде само еден член од семејството работи или и тие со две плати од по 25.000 денари, кога нивните примања се под потрошувачката кошница?“ прашува Митева.

Доколку платата на Османи е мала, тогаш каква е платата на граѓаните и како тој се чувства како одговорен за состојбите во државата, вели таа.