Владо Мисајлоски – потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ прашан за мислење околу ставот на Владата која смета дека 10% покачување се доволни и ги обвинуваат СОНК за неодговорност, порача дека власта мора да престане со притисоците кон СОНК и наставниците и наместо тоа да седнат и да изнајдат заедничкото и фер решение бидејќи луѓето од оваа фела тоа го заслужуваат.
„Јас би порачал да престане со притисоци власта кон СОНК, кон професорите и кон сите оние наставници. Легитимно е барањето на целиот наставен кадар да се зголеми платата, бидејќи во Македонија сѐ поскапе. Поскапе зејтинот, брашното, енергенсите, струјата, водата, сѐ поскапува во Република Македонија. Затоа, наместо вакви закани кон тие луѓе, нека седнат овие од власта и нека направат навистина еден добар социјален дијалог, да има фер понуда за сите професори и наставници да го добијат она што го заслужуваат. Ние застануваме на страната на наставниот кадар и наместо демагогии и закани од власта, нека седнат и нека го најдат заедничкото решение бидејќи тие луѓе, таа фела навистина заслужува повеќе затоа што тие се тие кои го пренесуваат знаењето на сите генерации“ – потенцираше Мисајлоски.
За отворањето на бугарскиот клуб во Битола, тој посочи дека официјални лица, мислејќи на премиерот Ковачевски и Бујар Османи, ги нема ниту да гукнат на оваа тема.
„Јас би кажал дека ова е срамно, човек што соработувал со фашистите, тој лик и дело да го славите, мислам дека тоа не води кон добрососедство. Замислете во позадина што се преговара за некој т.н. договор што се крие од јавноста и затоа го повикувам министерот за надворешни работи да појасни дали е ова добрососедство, дали ова треба да се случува или не треба да се случи договор“ вели тој.
Ја повика власта да одговори дали се подготвува терен да нема договор и во вакви провокации да се тера т.н. добрососедство.
„Тие, како Бугарија може да си отвораат центри за што сакаат и тие дали ќе слават фашисти, администратори итн. Тоа е нивно право, но јас гледам тука што оние луѓе кои навидум се избрани од народот да кажат нешто. Не се работи дали се Бугари, Македонци или од кој било друг етникум ако некој соработувал со фашистите, не треба едноставно да има клубови за пријателство по негово име“ смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.