„Џафери си го приватизира Собранието и уште еднаш покажа власта дека се плаши од народ и затоа беа приморани да измислат небулозни причини да ја отфрлат иницијативата за Референдум. Работа на претседател на Собрание не е да толкува Устав, тоа е работа на Уставниот суд. Отфрлањето на иницијативата за Референдум е поради измислени и противправни причини“ рече денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Тој рече дека „референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието односно претходен Референдум и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓани за други прашања за кои одлучувало Собранието тоа е дополнителниот Референдум, ова е чл.24 од Законот за референдум, кој Талат Џафери вчера со неговата одлука за отфрлање на Иницијативата за распишување на Референдум за поништување на Законот за ратификација на договорот со Бугарија го прекрши“.
„Антимакедонската СДС и ДУИ преку Талат Џафери прават правни гимнастики за да го избегнат народот, затоа што знаат дека над 60% од Македонците го поддржуваат и ќе излезат на Референдумот кој би се организирал. Објаснувањето на Џафери со кое ја отфрла Иницијативата е правно неиздржано, небулозно, и не содржи правна подлога. Спасувањето на Ковачевски од дебакл го направил со целосно кршење на законите и Уставот“ вели тој.
„Талат Џафери со оваа своја одлука, наместо чувар на Уставот, стана шампион во кршење на истиот“ порача Мисајловски.