Мисајловски: Ја повикуваме власта да седне со СОНК и да ги зголеми платите на наставниците

Владо Мисајловски – потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја повика власта што поскоро да седне на разговори со СОНК, чиишто членови вработени во македонското образование веќе трет ден се во штрајк и да им ги покачи платите наместо расипнички да трошат државни пари, односно милиони евра да даваат за студии кои што завршуваат со обвиненија, мислејќи на случајот со студијата за приватизација на Македонска пошта, за што поранешниот Генерален секретар на Влада, Мухамед Зеќири заврши во притвор.

Мисајловски рече дека наставниците, професорите и СОНК се во право, бидејќи за време на носењето на минималната плата, воопшто не се размислуваше за колективните договори и нивелирање на коефициентот на сложеност на работните места согласно минималната плата.

„Веќе неколку пати го коментираме штрајкот што е најавен од СОНК и кој веќе се случува, но и често пати во Собранието го коментираме како едно од барањата што треба да се направи веднаш. Во право се наставниците, професорите, во право е СОНК. Зошто го велам ова? Бидејќи со носењето на минималната плата воопшто не се размислуваше на колективните договори и да се подобри, односно да се нивелира коефициентот на сложеност на работни места на сите наставници. Ние ова го предложивме како закон и беше одбиено од владата, но наместо власта расипнички да троши пари, милиони евра да даваат за студии кои што гледаме како завршуваат. Ги повикуваме да седнат што поскоро со СОНК и да им се помогне на сите тие луѓе и да се најде решение, односно да се зголемат платите“ – рече Мисајловски.