Мисајловски – Бардуани: Македонија ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот

-Остануваме посветени на регионалната безбедност и стабилност, порача министерот на средбата со генералот Бардуани.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска се сретна со командантот на НАТО мисијата на Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани. На средбата, како што информира Министерството за одбрана (МО), стана збор за значајната улога на оваа мисија во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на Косово и на целиот регион.

-Оваа НАТО мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка што ја даваме на оваа мисија и во иднина, рече министерот на средбата.

Мисајловски порача и дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, сигурен и безбеден регион е од приоритетно значење за земјава. Македонија, додаде, ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот.

Имајќи предвид дека мандатот на генералот Бардуани како командант на КФОР завршува наскоро, министерот Мисајловски му се заблагодари за одличната соработка и координација поврзана со македонскиот контингент во оваа мисија.

Генералот Бардуани, пак, посочи дека македонските војници секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски. Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на нашата држава во мисијата КФОР, нагласувајќи ја важноста на соработката во одржувањето на мирот и безбедноста во регионот.

Во рамки на посетата, генералот Бардуани се сретна и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Според МО, македонската Армија во оваа мисија придонесува од 2020 година.