Миовски: Македонија секогаш игра добро против големи репрезентации

Фудбалската репрезентација на Македонија ја очекува натпреварот против Хрватска на 3-ти јуни кога ќе гостуваме во Ријека, додека три дена подоцна исто така на гости ќе се сретнеме со Чешка.

Двата натпревари се од пријателски карактер, а еден од нашите фудбалери кои играат во најдобра форма, Бојан Миовски порача дека овие два натпревари ќе бидат одличен тест.

„Знаеме против кого играме, Хрватска е голема репрезентација, секогаш игра одлично. Овие два натпревари ќе бидат одличен тест, да видиме до каде се нашите можности и дали во блиска иднина може да се надеваме на пласман на големо натпреварување. Ние секогаш играме подобро со силни репрезентации, Хрватска се подготвува за Европско првенство и сигурно ќе играат како да се на Европско првенство, тоа ќе биде одлично за нас“ вели тој.

Енис Барди поради повреда нема да може да и помогне на Македонија, меѓутоа Миовски смета дека во репрезентацијата има фудбалери кои можат да го заменат.

„Капитенот ќе отсуствува и сигурно ќе ни недостасува, но во средината имаме одлични фудбалери кои можат секого да заменат. Ова ќе биде посебно тест за нас помладите, за да видиме како ќе се снајдеме во натпревар со едни такви противници“, изјави Миовски.