Македонскиот напаѓач Бојан Миовски смета дека заедништвото и тимската игра треба да ја однесат Македонија до успех и на дуелот против Украина во сабота во Прага. Тој е сигурен дека тимската позитивна енергија која владее по позитивните септемвриски дуели со Италија и со Малта, треба да донесе нов успех.
„По оние два позитивни резултати со Италија и со Малта имаме одлична атмосфера и треба да го задржиме тој позитивен моментум. Сега не чека клучниот натпревар во групата, и ако победиме дефинитивно ќе ги закомпликуваме работите во групата до крајот на квалификациите. Ние на секој натпревар целиме на победа и три бода, но тоа што се случува на терен не можеме секогаш до крај да го контролираме. Но, сите кои ќе настапиме во Прага знам дека ќе го дадеме максимумот како тим за да дојдеме до успех. Секој натпревар е приказна сама за себе, и се се случува со некоја причина. Ние сме фокусирани сега само на Украина, ако успееме да дојдеме до трите бода ќе имаме големи шанси за втората позиција во групата“ вели голгетерот кој игра одлично во дресот на шкотски Абердин.