Минчев: Граѓаните да бидат сигурни дека администрацијата нема да работи под нечиј диктат

Потенцира дека граѓаните можат да бидат сигурни дека јавната администрација ќе биде поодговорна, поискусна, и навистина ќе работи во служба на јавниот интерес, а не под ничиј личен или партиски диктат.

Отчетноста на администрацијата е клучен предуслов за враќање на довербата на граѓаните, додека реформата на јавната администрација претставува еден од клучните приоритети во пристапното партнерство и важен предуслов во процесот на европската интеграција на државава, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во обраќањето на сесијата на Националната конвенција за ЕУ на Работната група 6 – Антикорупција на тема „Административни капацитети за унапредување на вредноста на потрошени јавни средства: Што можеме да научиме од искуствата на ЕУ? “.

Тој потенцира дека граѓаните можат да бидат сигурни дека јавната администрација ќе биде поодговорна, поискусна, и навистина ќе работи во служба на јавниот интерес, а не под ничиј личен или партиски диктат.

Министерот потсети дека согласно новата Методологија за пристапни преговори, реформата на јавната администрација за првпат конкретно се дефинира како област која е опфатена со процесот и е дел од првиот Кластер-Основи, кој е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина.

-Јавната администрација претставува еден од клучните столбови на евроинтегративниот процес. Без ефикасна, стручна и одговорна администрација, која е во состојба да ги спроведе реформите и да обезбеди усогласеност со европските стандарди, невозможно е успешно да го затвориме ниедно од преговарачките поглавја, истакна Минчев.

Тој додаде дека предизвик останува континуираното работење на модерна и ефикасна јавна администрација, базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти.

Повтори дека Владата за таа цел ја потврдува силната политичка посветеност на процесот на реформите на јавната администрација преку континуирана имплементација на мерките и активностите дефинирани во Стратегијата за реформа на јавната администрација со Акцискиот план (2023 – 2030).

-Министерството за јавна администрација, согласно нашите надлежности и приоритети, активно работи на неколку клучни реформски процеси, со цел да ја зајакнеме стручноста, отчетноста и функционалноста на администрацијата, но и да изградиме институционален систем што ќе биде вистински сервис на граѓаните, посочи тој.

Нагласи дека во рамки на тековната Стратегија за реформа на јавната администрација, посебен фокус е ставен на професионализацијата на администрацијата.

-За таа цел, воспоставуваме механизми за унапредување на системот на планирање на човечки ресурси, заснован на компетенции и резултати. Сето ова е дел од новите законски решенија кое Собранието ги усвои минатата недела и тоа: Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор, рече Минчев.

Истакна дека новите законски решенија придонесуваат кон важни и долгорочни промени во јавната администрација, кои не само што ја модернизираат работата на институциите, туку и го унапредуваат односот кон секој граѓанин.

-Овие реформи се темелат на принципите на стручност, заслуги и интегритет. Тие гарантираат дека секој административен службеник ќе биде избран, унапреден и оценуван според својот професионален капацитет и личен квалитет – а не според политички или други влијанија, потенцира тој.

Појасни дека во законските решенија се воведуваат механизми за континуирано стручно усовршување, модернизација на човечките ресурси и деполитизација на администрацијата.

Наведе и дека реформите предвидуваат заштита од корупција и политички влијанија, преку конкретни мерки, меѓу кои граѓаните добиваат подеднакви шанси за вработување, базирано на компетенции, без потреба од „врски“ или партиски позадини.

-Сите конкурси се јавни и транспарентни, објавени на единствена електронска платформа.  Селекцијата е дигитализирана и автоматизирана, со бодирање според објективни критериуми за стручност, работно искуство, лични и технички компетенции. Секој кандидат има право на увид во своето бодирање, како и можност за приговор и ревизија на резултатите, со прецизно дефинирани рокови. Се скратува и поедноставува постапката за вработување, што значи дека институциите ќе вработуваат побрзо со тоа што двете фази од постапката за вработување преминуваат кај самата институција со што поефикасно ќе се пополнуваат слободните работни места, појасни Минчев.

Меѓу останатите мерки ги наведе и тоа што унапредувањата и оценувањата сега ќе се засноваат на реален учинок, редовно следени преку индикатори за перформанси и професионално однесување.

-Предвидуваме и веќе почнавме да работиме на нов пакет на три реформски закони и тоа: Законот за висока раководна служба, Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за систем на плати во јавниот сектор кои се дел од реформската агенда за економски раст.  Веруваме дека само преку системски и одржлив пристап можеме да изградиме јавна администрација што ќе биде компетентна, одговорна и услужна, заклучи Минчев во обраќањето на сесијата на НКЕУ-МК за европските искуства во планирање на јавните расходи.