Министрите за надворешни работи на ЕУ го блокираа предлогот на Борел за прекин на дијалогот ЕУ-Израел
Земјите членки на ЕУ го отфрлија предлогот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел за прекинување на политичкиот дијалог со Израел поради случувањата поврзани со војната во Појасот Газа. Земјите на ЕУ остануваат длабоко поделени во врска со ситуацијата на Блискиот Исток.
Европската Унија во понеделникот ја отфрли идејата за суспендирање на политичкиот дијалог со Израел поради кршење на човековите права во Газа. Предлогот беше изнесен од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност во заминување Жозеп Борел. Неколку дена пред крајот на неговиот мандат тој предупреди: „Историјата на крајот ќе ни суди на сите нас“.
За време на неговата мрачна изјава на последен состанок со министрите за надворешни работи Борел рече дека „повеќе нема зборови“ за да ја опише кризата во Блискиот Исток. На прес-конференцијата по состанокот тој изјави дека за жал мнозинство од 27-те земји членки на Европската Унија, очекувано, го отфрлиле неговиот предлог за прекин на дијалогот со Израел поради војната во Газа.
Едвај прикривајќи ја фрустрацијата поради недостигот на влијание на ЕУ врз израелско-палестинскиот конфликт за време на неговиот петгодишен мандат, Борел претходно рече дека „веќе нема зборови за да објасни што се случува“.
Неговиот предлог за прекин на политичкиот дијалог помеѓу ЕУ и Израел, како е дел од поширок Договор за асоцијација, се очекуваше да наиде на отпор од многу земји членки, вклучувајќи ги и Германија, Франција, Холандија, Чешка, Унгарија, Италија и Белгија.
Борел за последен пат претседаваше до Советот за надворешни работи, што се одржа на 18 ноември. Неговата наследничка ќе биде поранешната премиерка на Естонија, Каја Калас, која треба да ја презеде функцијата како дел од новата Комисија на Фон дер Лајен.
„Ова е војна против децата“
– Ова е војна против децата, изјави 77-годишниот шеф на надворешната политика на ЕУ пред медиумите по Советот за надворешни работи на ЕУ. Тој говореше за „апокалиптична ситуација во Газа, каде што 70 проценти од бројот на жртви се деца и жени“ и два милиони лица се присилно раселени. Борел. исто така, го напомена страдањето на израелските заложници киднапирани од Хамас и другите милитантни групи по нападите врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Нападот на Хамас резултира со 1.206 загинати, претежно цивили, според пресметките на Француската новинска агенција (АФП) врз основа на податоци од официјални израелски извори. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, тврди дека 43.922 луѓе, повеќето од нив цивили, биле убиени во нападите по 7 октомври.
Повеќето земји членки на ЕУ се против прекин на дијалогот помеѓу ЕУ и Израел
– Повеќето од земјите членки сметаа дека е многу подобро да продолжат да имаат дипломатски и политички односи со Израел, потврди Борел.
Тој истакна дека неговиот предлог е поттикнат од Извештајот подготвен од специјалниот претставник на ЕУ за човекови права, Олоф Ског. Извештајот се заснова на компилација на податоци за прекршоци објавени од агенциите на Обединетите нации и други меѓународни организации кои работат во Газа, на Западниот Брег и во Либан.
Шефот за надворешна политика на ЕУ рече дека неговите служби „барем ги ставија на маса“ сите информации кои произлегуваат од органите на ЕУ и меѓународни организации кои работат на терен со цел „да се процени начинот на кој се води војната”.
Борел додаде дека тој го направил тоа откако Европската комисија „не предложила ништо“ по барањето на Шпанија и Ирска од февруари за „брз преглед“ на тоа дали Израел ги почитува обврските за човекови права согласно Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел.
ЕУ поделена околу израелските акции во Газа и на Западниот Брег
Откако Израел ја започна својата разорна офанзива во Газа, земјите членки на ЕУ се длабоко поделени во врска со конфликтот.
Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок го отфрли предлогот на Борел за суспендирање на редовниот политички дијалог со Израел. – Ние сме секогаш за тоа каналите за дијалог да останат отворени. Секако, ова се однесува и на Израел. Хуманитарната помош е цврсто втемелена во меѓународното право, рече таа. Бербок јасно изјави дека Газа не смее да биде колонизирана и не смее да има никакви протерувања од Газа.
Франција се изјасни против прекин на дијалогот на ЕУ со Израел, но поддржува санкции против еврејските доселеници обвинети за напад врз палестинските цивили на окупираниот Западен брег. – Ние сме длабоко приврзани кон безбедноста на Израел, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на Парискиот мировен форум, но, како што додаде, „во интерес на Израел, на израелската безбедност, меѓународното право мора да се почитува и правдата мора да се постигне“. За време на неговата посета на Западниот Брег на 7 ноември, Баро веќе се закани со нови санкции и ја потенцира посветеноста на Франција за решението за „две држави“ во израелско-палестинскиот конфликт.
Португалската државна секретарка за европски работи, Инес Домингош, изјави дека Португалија, исто така, се спротивставува на предлогот на Борел, нагласувајќи дека „ова не е идеален момент“ за тоа. Таа појасни дека постојат суштински причини, бидејќи Лисабон го смета дијалогот „за позитивен“, но и затоа што во моментов се случува транзиција на ниво на извршната власт на ЕУ. Процесот на одобрување на новата Европска комисија е во тек и се очекува таа да ја почне со работа во декември. – Во овој момент, веруваме (…) дека е важно да се зачува политичкиот дијалог, додаде таа.
Министерот за надворешни работи на Холандија, Каспар Велдкамп изјави „има нов израелски министер (Израел Кац), наскоро ќе има нов висок претставник на ЕУ“. – Ќе ги почекаме овие две прилики за отпочнување на дијалогот, бидејќи има многу за дискутирање, вклучувајќи ја и катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, рече Велдкамп.
Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани истакна дека „бојкотирањето на дијалогот со Израел нема смисла“. – Ако сакаме да работиме на мир, не можеме да избегнеме дијалог со Израел, рече Тајани.
Заменик министерката за надворешни работи на Бугарија, Елена Шекерлетова, ја нагласи потребата од деескалација на конфликтот, обновување на дипломатските напори и спречување на ескалација на непријателствата во регионот. – Бугарија ја поддржува имплементацијата на Резолуцијата 2735 на Советот за безбедност на ОН за итно и безусловно ослободување на сите заложници и прекин на воената состојба, рече Шекерлетова.
Во име на Словенија, министерката за надворешни работи Тања Фајон рече дека земјата е подготвена да го разгледа предлогот на Борел за прекин на дијалогот со Израел. Таа смета дека фокусот треба да се стави на членот 2 од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, кој се однесува на почитувањето на човековите права. – Ова е клучното, она што мора да се зачува. Но, постојат и други работи, поради кои вреди да се размисли за суспензија, додаде таа.
Фајон уште еднаш повика на построги санкции против израелските доселеници кои вршат насилство против Палестинците на Западниот Брег. Министерката за надворешни работи, исто така, повика на санкции против израелските политички лидери кои го поддржуваат ова. Таа повика и на ембарго на увозот на стоки од окупираните палестински територии.