Министрите за надворешни работи и енергетика на Грција во одвоени посети на Вашингтон

Министрите за надворешни работи и енергетика на Грција, Јоргос Герапетритис и Ставрос Папаставру се во одвоени посети на Вашингтон, каде што шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио, а Папаставру ќе одржи низа средби за зајакнување на енергетската соработка со САД, како и за Вертикалниот коридор, јави дописничката на МИА од Атина.

Министрите за надворешни работи и енергетика на Грција, Јоргос Герапетритис и Ставрос Папаставру се во одвоени посети на Вашингтон, каде што шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио, а Папаставру ќе одржи низа средби за зајакнување на енергетската соработка со САД, како и за Вертикалниот коридор, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека Герапетритис ќе биде во Вашингтон во периодот од 25 до 27 февруари и ќе се сретне со Рубио, но ќе има средби и со американски претставници, а ќе одржи говор и во тинк-тенк организацијата Atlantic Council.

Дополнително ќе присуствува и на церемонијата на потпишување договор меѓу индустриската и бродоградбена компанија „ONEX Shipyards and Technologies“ што управува со бродоградилиштата во Елефсина во близина на Атина и на грчкиот остров Сирос и јужнокорејската групација „Hanwha Power Systems“.

Паралелно, во Вашингтон од вчера е и грчкиот министер за енергетика, а посетата, според надлежното Министерство, се реализира како продолжение на енергетските договори што беа потпишани во рамки на Трансатлантската конференција за енергија (P-TEC) во Атина и „има за цел дополнително продлабочување на трансатлантската соработка во областа на течниот природен гас (ЛНГ), како и зајакнување на инфраструктурата што ќе овозможи енергетска отпорност на Југоисточна Европа“.

Денеска Папаставру ќе учествува на министерскиот самит што го организираат Белата куќа и Национален совет за енергетска доминација на САД со учество на 12 европски земји, како и високи претставници на ЕУ и големи енергетски компании од САД и Европа, додека пак утре ќе има официјална билатерална средба со американскиот секретар за внатрешни работи и претседател на Советот Даг Бургум, како и со секретарот за енергетика и потпретседател на истиот совет Крис Рајт.

-Активното учество на Грција на Самитот го потврдува засилената стратешка улога на земјата како кредибилен партнер и клучен енергетски центар во Југоисточна Европа, во период кога енергетската безбедност е основа за геополитичка стабилност и економска отпорност на Европа, соопштија од Министерството за енергетика на Грција.