Министер во Словенија поднесе оставка поради неплатена сметка во хотел

Јоже Подгоршек – министер за земјоделство во Словенија поднесе оставка поради афера околу една неплатена сметка во хотел.

Словенечките медиуми пишуваат дека министерот во јануари годинава во хотел во Бохињ направил сметка од 800 евра, но при заминување истата не ја платил. Тоа, наводно, подоцна го сторил земјоделски комбинат со кој Министерството за земјоделство е во спор околу сопственоста на земјоделско земјиште.

Медиумите наведуваат дека се работи за случај на судир на интереси, односно корупција, зошто хотелот кој ја издал сметката кога министерот престојувал во него бил во сопственост на лице поврзано со споменатиот земјоделски комбинат.

Подгоршек вели дека оставката ја дава за да не и наштети на владата на премиерот Јанез Јанша пред изборите во недела на 24. април, а инаку рече дека не се чувствува виновен.

„Давам оставка исклучиво поради предоцна платената сметка и тоа е факт поради кој жалам“ – напиша Подгорешек на Фејсбук.