
Министерство за култура: Универзална сала ќе се обнови до 2028 година
Идејното архитектонско решение е дело на проектантот Бујар Муча и беше задржано од Град Скопје. Во конструктивниот дел, пак, биле направени измени врз основа на насоки од испитувањата што Министерството ги побарало како неопходност по пожарот во објектот.
Универзалната сала во Скопје ќе добие нов, модерен изглед со капацитет од 1200 седишта, подобрена акустика и најсовремени техничко-технолошки системи, соопшти Министерството за култура и туризам. Во планот се вклучени HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветлување, аудио-видео и електрични инсталации, како и современи материјали во ентериерот и екстериерот. Објектот ќе биде енергетски ефикасен, а околината ќе добие ново партерно и хортикултурно уредување.
Од Министерството нагласуваат дека ќе се задржи постојната форма на салата, како знак на почит кон колективната меморија на скопјани.
Идејното архитектонско решение е дело на проектантот Бујар Муча и беше задржано од Град Скопје. Во конструктивниот дел, пак, биле направени измени врз основа на насоки од испитувањата што Министерството ги побарало како неопходност по пожарот во објектот.
Очекувањата се постапките за избор на изведувач и надзор да завршат до почетокот на октомври, по што ќе започне изградбата по системот „клуч на рака“. Планот е Универзалната сала да биде готова до крајот на 2027 година, а во 2028 да биде подготвена за програмата „Скопје – европска престолнина на културата“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра.
„Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и иднината на Скопје“, изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, додавајќи дека салата ќе стане симбол на културна размена и заедништво достапна за сите граѓани.