Министерството за финансии потврди дека се прекинати исплатите на средствата од ИПАРД програмата

„Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството, додавајќи дека во моментот Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе преземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.

Министерството за финансии денеска преку соопштение до медиумите потврди дека се прекинати исплатите на средствата од ИПАРД програмата.

„РС Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата“, се вели во соопштението.

Од Министерството за финансии додаваат дека ваквата одлука „следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој“, како и дека за ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури.

„Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството, додавајќи дека во моментот Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе преземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.

Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.