Буџетските средства наменети за Здружението за културни и уметнички дејности „Џој Фест” од Крива Паланка, ќе бидат стопирани, бидејќи во апликацијата до Министерството за култура беа наведени други изведувачи, а не познат турбо–фолк пејач од Србија.
– Организаторите на фестивалот годинава добија 153.000 денари од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Но, поради непочитување на критериумите и вметнување на турбо–фолк пејач во програмата, тие нема да ги добијат овие средства, велат од Министерството за култура.
Оттаму велат дека кога Министерството за култура ги објави резултатите од Конкурсот во февруари годинава, појасни, дека предност имале проекти кои промовираат култура, посебно на домашните уметници.
Тие велат дека Министерството за култура поддржува проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, а особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби.