Министерството за животна средина најави засилени контроли, регистар на загадувачи и подготовки за нови закони

Како што информираше министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, новиот Закон за индустриски емисии ќе стапи во сила во септември 2027 година. Во периодот што следи, Министерството ќе организира средба со сите оператори кои поседуваат А-интегрирана дозвола со цел навремено информирање и подготовка за новите обврски. Најави и јавна расправа за новата дозвола на „Усје“, како и засилување на контролни механизми.

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска најави пакет засилени мерки со кои ќе се зајакне контролата врз индустриското загадување и ќе се подобри управувањето со природните ресурси, при што фокусот, како што беше нагласено, се префрла кон институциите и индустриските оператори. Централно место во најавите доби воспоставувањето на Регистарот на загадувачи, нов систем кој ќе собира сигурни и споредливи податоци за емисиите, потрошувачката на енергија, вода и суровини, како и за преносот на отпад – инструмент што, според Министерството, ќе биде клучен за транспарентност и за зголемена одговорност на сите носители на А‑интегрирани еколошки дозволи.

Како што информираше министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, новиот Закон за индустриски емисии ќе стапи во сила во септември 2027 година. Во периодот што следи, Министерството ќе организира средба со сите оператори кои поседуваат А-интегрирана дозвола со цел навремено информирање и подготовка за новите обврски. Најави и јавна расправа за новата дозвола на „Усје“, како и засилување на контролни механизми.

– Државната лабораторија се екипира. Надмината е пречката за нови вработувања, ангажирана е човек, се очекува уште еден да биде ангажиран – рече министерот.

Една од клучните мерки што се подготвува е Регистарот на загадувачи, кој ќе биде тема и на состанок со индустриските оператори во април. Регистарот ќе содржи податоци за емисии на загадувачи, пренос на отпад, потрошувачка на енергија, вода и суровини и ќе овозможи споредливи и сигурни информации.

– Ова не е само техничко решение, туку механизам за зголемена одговорност кај сите што имаат интегрирана еколошка дозвола – беше истакнато.

Дополнително од министерството појаснија дека регистарот ќе опфаќа мерења што ќе ги проследуваат самите индустрии.

Хоџа посочи дека институциите работат и на мерките за намалување на загадувањето од греењето. Во 21 јавен објект веќе е сменет системот за греење, како дел од поширок процес кој треба да опфати околу 70 објекти. Паралелно, потсети дека е активна и мерката за субвенционирање инвертер-клими, со која 4.700 домаќинства ќе добијат уреди со повисока енергетска ефикасност.

Министерот најави расправа за Белчишко Блато за заштитено подрачје и јавна расправа на Закон за природа, кој ќе биде објавен на ЕНЕР.

– Сите треба да имаме удел во одлуките поврзани со заштитата на животната средина – нагласи министерот.

Дополни дека во владина процедура наскоро ќе влезат законите за Студенчишко Блато и Охридското езеро.

Регионалните центри за отпад работат според предвидената динамика, паралелно се спремаат тендери за нови регионални центри.

– Прво ќе почнеме со Новаци и Русино, во тек е постапката за Свети Николе – рече министерот.

За Колекторскиот систем за Скопје, чија претходна ИПА 2 постапка беше раскината поради неквалитетна изведба, сега продолжува со национално финансирање. Во тек е тендерската постапка за довршување на преостанатите 900 метри, додека пречистителната станица е во изградба и треба да биде завршена до 2029 година.

– По пуштањето во употреба, цената за водата може благо да се зголеми, бидејќи трошокот за третман на отпадни води ќе се пресметува преку фактурите од Водовод, во надлежност на локалната власт – информираа на брифингот.

За малата депонија во Охис е формиран интер-партнерски фонд за чистење. До сега се исчистени три од пет базени, а проценките се дека има до 1.000 тони отпад со хексахлороциклохексан (HCH) и дополнително загадена почва.

– Договорот за дополнителни средства е веќе потпишан, а тендерската документација е во изработка. Владата има заклучок да обезбеди средства за наредните три години – посочија тие.

Во однос на репрогласувањето на Националниот парк Маврово, информираа дека по повеќе од 40 години, Маврово се подготвува за репрогласување. Постапката е пред јавна расправа, студијата е готова, а дополнително се анализира сегментот на строга заштита.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, на брифингот информираше дека биле спроведени 366 надзори, издадени 108 решенија и иницирани казни од над 450.000 евра.

Во март е направен и вонреден надзор во „Усје“, со мерени тешки метали. Резултатите се очекуваат во наредните денови.