
Министерството за енергетика одзеде три концесии за експлоатација на минерални суровини
Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник.
Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на Договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија, соопштија од МЕРМС. Одлуките се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија.
Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 38 одлуки за едностран раскин на концесии.
Од МЕРМС посочуваат дека причините поради кои биле одземани концесиите се: непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини; неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник; непочитување на мерките за заштита на животната средина; пренесување на концесијата на друг субјект без согласност; експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел.
Во моментов се во тек и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија, велат од Министерството.
МЕРМС води и регистер на одземени концесии и тој од следниот период поради поголема транспарентност ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.
„Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите“, вели министерката Сања Божиновска.
Во соопштението до медиумите исто така се вели дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини спроведува засилени инспекциски контроли, односно редовни и вонредни теренски проверки за усогласеност со законските обврски, како и дека има пратено писмени опомени и санкции, односно испратени се предупредувања до концесионерите, а едностран раскин на договори се применува кон оние кои не ги почитуваат законите.