„Заемните заложби за владеење на правото и функционален правен систем, како и нотирањето на предизвиците, но и позитивните аспекти од промените коишто произлегуваат од носењето на интерните акти во Судот“. Ова беа дел од темите на разговор на денешната средба меѓу претседателката на Уставниот суд – Добрила Кацарска и министерот за правда – Никола Тупанчески.
Како што информираат од Уставниот суд, претседателката Кацарска изразила загриженост за функционирањето на Судот со четири судии помалку од она што е предвидено во Уставот. И двете страни се согласиле дека ова е прашање од врвен интерес за државата и заштитата на уставниот поредок и во најскоро време треба да биде решено.
Кацарска го информирала министерот за правда за проблемите на Судот во смисла на просторното сместување, потребата од опремување на сервер салата, зголемувањето на кадровските капацитети, како и потребата од законско уредување на материјалниот статус на уставните судии и вработените во Службата на Судот.
Министерот Тупанчески ја афирмирал клучната улогата на Судот и се заложил за идна поредовна соработка и поддршка со вложување максимални напори за зајакнување на капацитетите на оваа институција.
Министерот Тупанчески најавил поддршка преку ИПА 3 со која е предвидено зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Судот преку поддршка за измени на Деловникот на Судот, обуки и студиски посети на судиите и стручната служба и подобрување на ИТ инфраструктурата на Уставниот суд.