Министерот за одбрана Стефан Јанев сменет од позицијата поради „интервенција“ наместо „војна“

Премиерот на Бугарија – Кирил Петков го отпушти министерот за одбрана Стефан Јанев. Причина за смената е изборот на термини додека се опишуваа руската инвазија врз Украина. Јанев ја нарекол „воена интервенција“ или „операција“, а не „војна“.

„Мојот министер за одбрана не може да го користи зборот операција наместо зборот војна. Не може да ја викаш операција ако илјадници војници се убиени на двете страни“ – рече Кирил Петков.

Тој додаде дека „не е во бугарски интерес да се наведнува главата. Кога ќе видиме нешто со што не се согласуваме, нешто толку очигледно, не можеме да молчиме“.

Четирите партии во владејачката коалиција во Бугарија се согласиле на смена на Јанев, кажа Петков. Новиот министер за одбрана, најверојатно Тодор Тогарев, кој на таа позиција беше во 2013 година, ќе биде назначен на вонредна седница на парламентот во четврток.

Отказот доаѓа како реакција на фејсбук пост на Јанев кој коментирајќи ја руската инвазија напишал дека тоа не е „војна“. Истакнал дека нема потреба Бугарија да зазема страна со Русија, САД или европските сојузници.

„Нашата напатена татковина не заслужува да биде жртвувана во играта на големите сили“ – напишал Јанев.