Министерот за надворешни работи на Турција во посета на Атина

Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан денеска е во посета на Атина и ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис.

Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан денеска е во посета на Атина и ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.

Средбата е закажана за претпладнево, по што ќе следи заедничка прес-конференција и работен ручек на двајцата министри.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека целта на средбата на шефовите на дипломатиите е „продолжување на сите теми на агендата, како што се билатералните односи, позитивната агенда и одново констатирање на климата на дијалог меѓу двете земји“.

-Во однос на она што е единствената разлика што државата ја признава, сигурно нема да навлезат во суштината, туку ќе разговараат под кои предуслови би можеле да навлеземе во суштината. Предусловите се два за кои Грција во никој случај нема да направи ни најмала отстапка. Едното е за што разговараме. Ова е единствениот основен услов и разговараме само за одредување на Ексклузивната економска зона и континенталниот гребен и ништо друго, никакво друго прашање, со што ѝ служиме на постојаната грчка национална позиција, а второто е принципите на оваа дискусија, објасни Маринакис.

Непосредно пред денешната средба, во средата во Истанбул се одржа нов круг од разговорите за Мерките за градење доверба меѓу Грција и Турција, а двете делегации, на состанокот што поминал во позитивна клима, ги разгледале мерките планирани за оваа година и дискутирале за спроведувањето на заеднички договорените активности во рамките на мерките за 2025 година.

На крајот на септември, на маргините на Генерално собрание на ОН, средба остварија премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, кога меѓу другото, одлучија да ги задолжат министрите за надворешни работи на двете земји, Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан да започнат подготовки за свикување на следниот Висок совет за соработка Грција-Турција, што ќе се одржи во Анкара во јануари 2025 година, врз основа на Атинската декларација потпишана минатата година во Атина.