Министерот за здравство не го поддржува штрајкот на матичните лекари

Беким Сали – министерот за здравство вели дека не го поддржува најавениот штрајк на матичните лекари од 5 до 7 септември, бидејќи, според него не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии.

„Од самиот почеток кога пристапив во функцијата, првиот состанок го одржав со матичните лекари, бидејќи сметам дека се многу важен столб во здравствениот систем. Комуникацијата со нив е во континуитет, се среќаваме за различни теми, како што е Ковид, но и реформа во примарната здравствена заштита“ – изјави денеска министерот.

Според Сали, незадоволствата треба да се решаваат на маса со конкретни предлози кои ќе бидат разгледани и дискутирани.

„Ние во изминатиот период од шест месеци веќе дискутираме. Не можеме да направиме промена во систем во период од месец дена или два, или пак, под притисок знаејќи дека во изминатиот период ние постојано дискутиравме, повеќе точки се предложени на Влада, дадени се насоки, тоа се процедури исто како што имаме забелешки за јавните набавки исто и за измените кои треба да се направат во систем за справување со примарната здравствена заштита. Се бара време, тоа е единствената работа што сум ја побарал од матичните лекари, но за жал нема слух. За жал ние ќе продолжиме со нашата интензивна работа околу промените во примарната здравствена заштита. Моите колеги за жал ќе продолжат со бојкотирање, а пациентите се тие што трпат“ – изјави тој.

Министерот посочи дека матичните лекари бараат упатот да не биде принтан бидејќи се трошело хартија, туку да биде електронски.

„Ние се согласуваме, но од збор до реализација значи дека ние како систем треба да овозможиме и хардвер и софтвер за кој треба јавна набавка која бара време за набавување на таква опрема. Лесно е да се каже, од хартија во е-форма, но реализацијата шест месеци во процедури не е ништо“ – рече Сали.