Министерката го означи како успех издавањето на еврообврзницата од една милијарда евра

Задолжувањето се реализира преку две транши по 500 милиони евра, со рок на достасување од 4 и од 8 години и таквата структура, според министерката, овозможува оптимално распоредување на обврските во среден и долг рок, како и дополнително намалување на ризиците поврзани со рефинансирање.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оцени дека условите за 10-тата еврообврзница се најконкурентна цена на задолжување што државата ја има постигнато во последните две децении и оти се постигнати историски најниски маргини.

Задолжувањето се реализира преку две транши по 500 милиони евра, со рок на достасување од 4 и од 8 години и таквата структура, според министерката, овозможува оптимално распоредување на обврските во среден и долг рок, како и дополнително намалување на ризиците поврзани со рефинансирање.

Каматните стапки, кои се постигнати, како што рече на прес-конференција во Владата, се меѓу најповолните во однос на референтната вредност на ЕУРИБОР во последните дваесет години. За траншата со рок од 4 години каматата изнесува 3,875 проценти, а за траншата со рок од 8 години 4,75 проценти. Особено имајќи го предвид актуелното високо ниво на ЕУРИБОР, овие услови претставуваат најконкурентна цена на задолжување што државата ја има постигнато во последните две децении – рече Димитриеска-Кочоска.

Како резултат на побарувачката и внимателно избраниот момент за излез на пазарите, наведе таа, кај двете транши е постигната најтесна каматна маргина во однос на референтниот ЕУРИБОР во споредба со сите државни издавања во изминатите дваесет години.

– Ако се направи споредба, маргината што сме ја имале во 2020 година била 3,78 проценти за разлика од тоа што годинава за четиригодишната обврзница маргината ни е 1,625-процентен поени. Можам да кажам историски најнизок, но ајде да бидеме коректни до крај – четиригодишна е, различни рочности имаме. Но ќе ја земам предвид и онаа осумгодишната, која во последните 20 години има најдолга рочност, тука разликата е 2,5 процента. И јасно се гледа дека ова се историски најниски маргини што Министерството за финансии успеа да ги постигне – рече Димитриеска-Кочоска во одговор на новинарско прашање.

Да не се лажеме, нагласи таа, беше многу тешко. Во услови кога имаме највисок износ на јавен процент на јавен доход од бруто-домашен производ, дополни таа, извојувавме и добивме најдобри резултати. Тоа е резултат на посветеноста, пред сè, на колегите во Министерството за финансии затоа што во последните три месеци ние бевме во постојана комуникација со инвеститорите, постојано одговаравме на прашања за состојбите во економијата, какви биле, какви се сега, какви ќе бидат во иднина нашите планови, сето тоа очигледно имаше влијание за да успееме да ги оствариме овие резултати – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа истакна дека особено се гордее што првпат сме добиле инвеститори што никогаш не инвестирале во македонска еврообврзница и оти ја радува фактот што има многу инвеститори, кои се пензиски фондови, кои, појасни, не планираат да ги купуваат нашите обврзници за потоа да ги продаваат на секундарниот пазар, туку да ги чуваат до достасување.

– Тоа покажува дека состојбата во државата се менува и инвеститорите во нас гледаат позитивна енергија и дека нешто се случува добро со државата – рече Димитриеска-Кочоска.

Нагласи дека интересот од инвеститорите бил исклучително висок и оти само еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, побарувачката достигнала две милијарди евра. Пред отворањето на американскиот пазар книгата на инвеститори надминала три милијарди евра, а по неговото отворање, вкупната понуда достигна повеќе од четири милијарди евра. Ова, смета министерката, претставува јасен и мерлив доказ за силната доверба во нашата фискална стратегија и макроекономска стабилност.

Во процесот учествувале повеќе од 150 глобални инвеститори, со диверзифицирана база, која, посочи таа, опфаќа еминентни институционални инвеститори од Германија, Соединетите Американски Држави, Велика Британија и земјите од Европската Унија.

Според министерката, при носењето на одлуката за еврообврзницата водечко начело била одговорноста кон тековната фискална состојба и кон идните генерации бидејќи, појасни, нашата цел не е само редовно сервисирање на обврските, туку создавање одржлива и стабилна фискална рамка, со помал притисок од отплати и со повеќе простор за суштински реформи.

Особено значајно, рече, е што успеавме да пласираме осумгодишна еврообврзница – достасување кое последен пат беше постигнато пред повеќе од дваесет години. – Ова претставува силен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори во економските политики, реформската агенда и стабилноста на земјата – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа наведе дека трошоците за синдикатот на банки и за правните советници се пропорционално најниски досега во споредба со претходните издавања. Дополнително, со цел целиот процес да биде максимално исплатлив и со најмали можни фискални оптоварувања донесена е одлука паралелно со новата емисија да реализираме и предвремен откуп на еврообврзницата, која достасува во јуни 2026 година. Со оваа одлука ќе оствариме заштеди, кои во значителен дел ќе ги компензираат трошоците од новото издавање.

Димитриеска-Кочоска вели дека нашата земја во моментот се задолжува по услови подобри од повеќето земји во Западен Балкан, со каматни стапки, кои се блиску до регионскиот минимум, и со исклучително силен интерес од меѓународните инвеститори. За споредба, рече таа, земји од поширокиот регион и Западен Балкан, како и земји со повисок кредитен рејтинг и членство во Европската Унија, се задолжуваат по значително повисоки каматни стапки.

Романија во октомври 2025 година издаде еврообврзници со каматни стапки од приближно 5,5 проценти за 7-годишна, околу 6,0 проценти за 12-годишна и над 6,5 проценти за 20-годишна рочност. Србија во последните издавања се задолжува со каматни стапки во опсег од речиси 4,4 до 5,0 проценти за среднорочни и долгорочни еврообврзници, Црна Гора по стапки од речиси 4,8 до 4,9 проценти за седумгодишни обврзници, Албанија со десетгодишна еврообврзница по каматна стапка од приближно 4,75 проценти, а Босна и Херцеговина преку издавање петгодишна еврообврзница се задолжи по каматна стапка од речиси 5,5 проценти.

– Големата побарувачка, која беше повеќекратно повисока од понудениот износ од една милијарда евра, јасно ги потврдува стабилноста на макроекономските политики и одговорниот пристап во управувањето со јавниот долг. За споредба, земји од поширокиот регион и Западен Балкан, како и земји со повисок кредитен рејтинг и членство во Европската Унија, во последниот период се задолжуваат по значително повисоки каматни стапки. Во таков контекст каматните услови што ги обезбеди нашата држава се меѓу најповолните во регионот и пошироко, што дополнително ја зацврстува позицијата на државата како стабилен, кредибилен и конкурентен издавач на меѓународните финансиски пазари – рече министерката за финансии.

Со средствата обезбедени преку оваа еврообврзница, предвидена во буџетот за 2026 година, ќе се изврши навремена исплата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, а другите средства ќе бидат насочени кон финансирање на буџетскиот дефицит и реализација на развојни проекти од суштинско значење за економскиот раст.

Издавањето на оваа еврообврзница е целосно проектирано и планирано во буџетот за 2026 година, како и во ревидираната стратегија за управување со јавниот долг.

– Тоа значи дека иако номиналниот износ на задолжувањето изнесува една милијарда евра, во текот на 2026 година Министерството за финансии ќе изврши исплата на обврски по основ на надворешен долг во вкупен износ од речиси 893 милиони евра. Со тоа нето-ефектот врз јавниот долг е значително понизок и во целост усогласен со среднорочната фискална рамка – рече министерката за финансии.

Ова издавање, укажа таа, има јасна улога во рамномерно распределување на достасувањата и во намалување на ризиците поврзани со концентрација на отплати во поединечни години.

Во 2026 година вкупните обврски за отплата на домашниот и на меѓународниот пазар изнесуваат приближно 1,563 милијарда евра, во 2027 година 1,579 милијарда евра, во 2028 година 1,971 милијарда евра, во 2029 година 1,304 милијарда евра, а во 2030 година 1,414 милијарда евра или вкупно за пет години 8,804 милјарди евра.

Тим на Министерството за финансии во ноември лани реализира посета на Лондон, каде што во организација на водечки инвестициски банки ја претстави земјата пред повеќе од 40 инвеститори. Во периодот од 11 до 12 јануари годинава се остварени средби со повеќе од 60 глобални инвеститори, меѓу кои најголемите пензиски фондови и осигурителни компании од САД, како и инвестициски фондови од целата Европска Унија. Банката на Америка имаше водечка улога во координацијата на процесот на издавање на обврзницата.